Силјановска имаше историски најголем одзив од граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата од СДСМ дека не собрале потписи

од Nikola Popovski

Поднесувањето на кандидатурата е технички процес. Професорката Силјановска Давкова имаше историски најголем одзив од граѓаните при собирањето на потписите за нејзината кандидатура, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на претходното соопштение од СДСМ.

Според најголемата опозициска партија, „ова е она што е најголема болка за Пендаровски и партијата на Димитар Ковачевски“.

-Поддршка од граѓаните е јасна и недвосмислена, а СДС и Пендаровски во истата ќе се уверат на 24 Април и 8 Мај.
Му препорачуваме на Пендаровски барем во неговите последни денови од мандатот да ја напушти неговата најсилна карактеристика – озборување и пласирање на невистини во јавноста, порачаа од „Белата палата“.

Претходно СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ нема собрано валидни и законски потписи за нивната кандидатка за претседател Гордана Силјановска Давкова. Според партијата на власт, за кандидатурата во ДИК за Силјановска, ДПМНЕ ги поднела потписите на пратениците, а не со потписи од граѓани.

Според неа, „граѓаните не сакаат враќање назад и изолација, не се спремни да поддржат антиевропски политичари“.

Според официјалните податоци на ДИК за собраните потписи до 9-ти март, Стево Пендаровски од СДСМ обезбедил 22.412 потписи, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ со обезбедени 28.086 граѓански потписи, Бујар Османи од ДУИ со 11.085 потписи, Максим Димитриевски од ЗНАМ со 11.605 потписи, Билјана Ванковска од Левица, која обезбеди 10.559 потписи, Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 11.290 потписи и Арбен Таравари од здружената албанска опозиција со 10.710 потписи за поддршка.

Сите седуммина кандидати за претседател на државата ги поднесоа кандидатурите до ДИК. Сега се очекува Комисијата да одржи седница на која треба да ги разгледа и потврди поднесените кандидатури, а најдоцна до 28 март треба да се утврди и редоследот на потврдените кандидати на гласачкото ливче.

Слични содржини