Сиљановска разговараше со Вучиќ за градење на најблиски односи меѓу двете земји и поддршка на европскиот пат

од Nikola Popovski
92 прегледи

Македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова се сретнала со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Њујорк, каде што учествуваат на заседанието на Генералното собрание на ОН.

„Секогаш ми е драго што се среќавам со пријателите од регионот. Со Гордана Сиљановска-Давкова за понатамошните чекори во градењето на најблиски можни односи, како и за взаемната поддршка на европскиот пат и предизвиците со кои се соочуваме во тој процес“, напишал Вучиќ на Инстаграм.

Вучиќ денеска ќе се обрати пред учесниците на 79. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, а за време на престојот во Њујорк, Вучиќ до 27 септември ќе има билатерални средби со повеќе од 40 светски лидери, јавуваат српските медиуми.

Претседателката Сиљановска Давкова вчера се обрати на Самитот на иднината на тема „Глобални решенија за подобро утре“ во Њујорк.

Целта на Самитот на иднината е државите членки да ја зголемат меѓусебната соработка која, како што се нагласува, е сè поважна за човековиот опстанок, но е тешко да се постигне во атмосфера на недоверба, користејќи застарени структури кои повеќе не ги одразуваат денешните политички и економски реалности.

На Самитот државите членки треба да донесат Пакт за иднината, но, според дипломатски извори, неизвесно е дали документот ќе биде усвоен денеска поради несогласувања со делови од неговата содржина од страна на Русија и уште шест други земји.

Во фокусот на Нацрт-пактот се човековите права, родот и одржливиот развој во сите поглавја. Содржи поглавја за одржлив развој и финансирање за развој, меѓународен мир и безбедност, наука, технологија и иновации и дигитална соработка, младите и идните генерации и трансформирање на глобалното владеење. Меѓудругото, се бара земјите членки да се согласат и за реформи што се однесуваат на Советот за безбедност, но тоа најверојатно нема да се случи.

На Самитот треба да бидат усвоени и Декларација за идните генерации и Глобален Дигитален договор.

Слични содржини