Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето годишно обраќање од Собранието порача дека ние како држава сме технички подготвен, но политички блокиран кандидат за членство во Европската Унија. Според неа, „доколку уставните промени беа причината, одамна ќе станевме членка на ЕУ“, додавајќи дека речиси целата нејзина надворешнополитичка агенда во изминатиот период е посветена на европската интеграција.
-Како може ЕУ да тврди дека е геополитичка унија, а да ја држи нашата земја и Западен Балкан во политички вакуум?, кажа Давкова од собраниската говорница.
-Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас. Без јасни гаранции од ЕУ и Бугарија и без заштитни механизми, со уште една промена, ризикуваме да излеземе од овој процес исто како што старецот на Хемингвеј излезе од морето – само со рибини коски! Со гол идентитет. Ни треба национален консензус повеќе од кога било досега, вели шефицата на државата.
Зборувајќи за трагедијата во Кочани и големиот пожар во дискотеката „Пулс“, Сиљановска Давкова рече сите ние ќе ја носиме траумата од трагедијата во Кочани посочувајќи, меѓу другото, дека со пожарот во кој загинаа 63 лица, на површина излегоа стихијното одлучување недостигот на системска култура, неказнивост и ја истакна потребата за длабоко преиспитување.
-Кочани не беше само трагедија. Тој настан нè доведе до ѕидот на срамот. Во случајот на Кочани не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал. Ја разбирам болката на семејствата на настраданите. Го разбирам нивниот оправдан гнев и бес, укажала претседателката.
Побара од политичките партии и политичарите да ги прекинат препукувањата на дневна основа на сметка на судскиот процес за Кочани. Со овој судски процес, како што рече, ќе се види дали судството ќе ја стекне или трајно ќе ја изгуби довербата кај граѓаните. Неслучајно, додаде таа, преговорите со ЕУ почнуваат и завршуваат со правосудството.