Силна словенечка поддршка за првата Меѓувладината конференција

од Aleksandar Petrovski

Силна словенечка поддршка за одржување на првата Меѓувладина конференција, која означува старт на пристапните преговори за Северна Македонија со ЕУ до крајот на годинава вчера искажа шефот на словенечката држава Борут Пахор, кој престојува во дводневна официјална посета на земјава.

Пахор по средбата со неговиот домаќин, македонскиот претседател, Стево Пендаровски порача дека Меѓувладината конференција треба да се одржи веднаш и без одлагање и оти ова е приликата што ЕУ не смее да ја пропушти. Конференцијата не смее да се одложи, како што посочи, зашто тоа ќе доведе до инерција која може да трае долго време и сериозно да ги загрози интересите на Северна Македонија, на регионот и на ЕУ.

-Мојата посета тука не е случајна, не е случјано ниту времето на посетата. Го избрав зашто сакам како една од 27-те држави на ЕУ да нагласам дека сега е вистинската прилика да не се одложува Меѓувладината конференција на Северна Македонија со Европската комисија. Разбирам дека некои соседни држави имаат колебања, но сакам отворено и јасно да кажам дека сега е вистинско време за солидарност меѓу членките на ЕУ и за целата дипломатска ветшина да стори сé Меѓувладината конференција да почне без одложување. Словенија сега не го повикува Брисел да направи чекор, туку сум тука, во Скопје, посебно да кажам само за една држава, зашто сé уште важи индивидуалниот пристап, потенцира Пахор на заедничката прес-конференција со Пендаровски.

Тој ги повика Северна Македонија и Бугарија да најдат компромисно решение доколку имаат некакви недоразбирања, но тоа да не го доведе во прашање одржувањето на Меѓувладината конференција. Предизвикот, дополни, е многу голем, но со вешта дипломатија и цврста одлука да се почтиуваат постигнатите договори, може да се реши.

-Кога блокирате договори станува политички се потешко да се најде компромис, рече словенечкиот претседател и додаде „двете држави да најдат решение што побрзо зашто одложувањето би значело многу тешка задача за наоѓање прифатливи решенија“.

Пахор и во обраќањето пред пратениците во Собранието ја повтори пораката дека не треба има одлагање на Меѓувладината конференција.

Претседателот Пендаровски, пак, е дециден дека земјава е отворена за компромис со Бугарија.

-Не можам уште сега да кажам каков компромис ќе биде. Тоа е процес што тече. Но, бидете уверени дека сите што сме во некаков капацитет политички на оваа страна, кај нас, во нашата земја, нема да дозволиме тој иден компромис по неколку точки од декларацијата да ги наруши нашите национални и државни интереси. Мислам дека сме на јасно кои се нашите црвени линии, многу пати се и јавно кажувани, потенцира Пендаровски.

 

До овој момент, рече, не постои официјална позиција на Бугарија со која се бара одложување на првата меѓувладина конференција.Пендаровски изрази цврста увереност дека „нашите бугарски пријатели нема да си дозволат да бидеме блокирани во декември“.

И премиерот Зоран Заев вчера изрази уверување дека со Бугарија ќе се најде решение со кое двете страни ќе бидат среќни и рече дека Бугарија ги поддржува евроинтегративните процеси на земјава.

-Верувам дека ние како премиери, така и нашите министри ќе водат грижа дека на крајот треба да се договориме и да најдеме решение каде што двете страни ќе бидат среќни, ќе продолжиме низ самите тие решенија да го унапредуваме и зацврстуваме пријателството и добрата соработка меѓу двете земји, рече Заев.

Повтори оти планира првата официјална посета како премиер во вториот мандат да ја направи на Бугарија, но не подоцна од Берлинскиот процес, каде заеднички домаќини се Северна Македонија и Бугарија во Софија.

Во рамки на јавната дебата кај нашиот источен сосед Кирил Илиев, историчар од Институтот за балкански студии при Бугарската академија на науките, пак, оцени дека Бугарија може да остане сама во спорот со Северна Македонија.

Илиев во изјава за ТВ Блумберг, коментирајќи ја бугарската позиција кон Скопје и ставовот на Германија како актуелен претседавач со ЕУ дека не треба да се поставуваат нови критериуми, вели дека Бугарија нема јасен концепт за целите што сака да ги постигне во односите со Северна Македонија.

Прашањето за првата Меѓувладина конференција повторно се отвори откако изминатиот период по испраќањето на бугарскиот појаснувачки меморандум до земјите-членки со кој се доведуваат во прашање македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик  дојде до затегнување на односите на реалција Софија-Скопје.

Премиерот Заев изрази очекување дека дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот на општи прашања, односно на ГАК на 10 ноември по што, како што истакна, ќе биде реално да очекуваме одржување на првата Меѓувладина конференција во декември. 

loading...

Слични содржини