Силва и Вархеи во Софија и Скопје: Ќе има ли деблокирање на бугарското вето?

од Берта Китинска
207 прегледи

Шефот на дипломатијата на Португалија Аугусто Сантош Силва, земјата претседавач со Советот на Европска Унија, и еврoкомесарот за проширување Оливер Вархеји, денеска ќе ги посетат Северна Македонија и Бугарија.

„Го чекаме утре португалскиот министер и се надеваме дека ќе дојде со предлог идеи како да се надмине оваа блокада и да се врати довербата меѓу двете страни“, изјави министерот за надворешн работи  Османи на прес-конференција.

Премиерот Зоран Заев од Брисел најави дека се подготвува ваква посета во пресрет на одлучувачкиот Совет за општи работи на ЕУ на 22 јуни кога ќе се одлучува за усвојување на преговарачката рамка и првата Меѓувладина Конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија, со што би започнале и формално преговорите за членство во ЕУ година и половина откако беа одобрени.

Вархеји и Сантош ќе бидат во Софија каде што ќе се сретнат со бугарскиот претседател, Румен Радев, како и со премиерот и министерот за надворешни работи на техничката влада.

ЕУ челниците ќе заминат за Скопје каде ќе остварат средба со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, и министерот за надворешни работи и вицепремиерот за европски прашања.

Вархеји и Сантош со себе носат предлог за деблокирање на ветото на Бугарија за Северна Македонија поради кое не може да се одобри формално одржувањето на првата Меѓувладина конференција.

Зоран Заев  за МИА изјави дека смета дека има доволно време да се постигне напредок на релација Скопје-Софија, но дека не сака ниту да ги зголемува очекувањата на граѓаните бидејќи Бугарија и натаму располага со право за вето во Советот на ЕУ.

Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн вели дека не знае како конкретно изгледа предлогот. Тој се ориентира на преговорите кои минатата година се одржуваа во Берлин, но од друга страна за Бугарија целото тоа прашање особено сега со техничката влада е многу тешко, изјави Холштајн.

Поранешната шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, вели дека предлогот кој утре во Софија ќе го донесат министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, а со кој би се одблокирал пристапниот процес за Северна Македонија, не ја задоволува рамковната позиција на Бугарија.

Таа вели дека целта на утрешната посета е јасна – претседателот Румен Радев и техничката влада што тој ја назначи да ја одобрат Преговарачката рамка за Северна Македонија за да може да се одржи првата меѓувладина конференција и де факто да почнат преговорите за членство со ЕУ. Меѓутоа, според неа, во предлогот што го носат европските претставници ги нема потребните гаранции.

Доколку земјите членки на ЕУ постигнат согласност до 22 јуни за Северна Македонија и доколку преговарачката рамка ја задоволува и македонската страна, првата Меѓувладина конференција би можела да се одржи помеѓу 22 и 30 јуни годинава.