Симеонова за „Локално“: Поставените „црвени линии“ во Резолуцијата на СДСМ го одразуваат акумулираното незадоволство кај општеството, предизвикано од чувството дека процесот трае предолго

Симеонова: Резолуцијата на СДСМ ја нагласува итноста за преземање конкретни технички чекори, а од друга страна, внесува јасност во врска со тоа што е прифатливо за земјата и нејзините граѓани

од Nikola Popovski
54 прегледи Фото: Принтскрин

Резолуцијата со црвени линии и понатаму ќе ја бранува јавноста, истовремено со почетокот на изборната кампања за локални избори. Зошто пред избори СДСМ излегува со декларација во која ја наметнува темата за уставни измени – прашува премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На настанот на кој беа промовирани кандидатите за градоначалници, посочи дека ова се обиди да го измамат македонскиот народ, со црвени линии кои и тие самите не ги почитуваат. Мицоски ја праша опозизијата до кога испраќа сигнали со ваквата резолуција.

„Нивните црвени линии вакви или такви, препознатливи или непрепознатливи, нема да дозволам да се црвени линии кои ќе отсликаат контури на ново предавство во иднина, ако им се дозволи да го реализираат нивниот план. Запрашајте се зошто оваа тема ја наметнуваат пред избори. Повторувам, не знам и се чудам на што се надеваат, до кого го испраќаат овој сигнал. Сега нудат резолуција која и самите знаеме дека каква, каква што е нема да ја почитуваат. Повторно прашувам кој ги тера за кого работат и до кога ќе им трае овој аранжман“, изјави Мицкоски.

Претседателот на социјалдемократите, упати критика кон власта за тоа што, како што рече, го запира европскиот пат на државата и ја одбива резолуцијата за национален консензус околу евроинтеграциите. „Пред три дена го одбија еден од најпатриотските документи којшто бил виден на нашата политичка сцена, а тоа е предлог резолуцијата за национален консензус, заеднички црвени линии и временска рамка за почеток на отворањето на поглавјата и продолжувањето на преговорите со Европска унија“, нагласи Филипче. Резолуцијата со црвените линии, според СДСМ е веќе испратена до политичките партии, а Филипче вели дека е подготвена да разговара и за евентуално нова резолуција предложена од ВМРО ДПМНЕ.

Со оглед дека еден од клучните услови е внесувањето на бугарската заедница во Уставот, останува дилема какво е мислењето на дел од бугарската јавност во однос на новата предлог-резолуција од македонска страна и дали таа може некако да ја придвижи земјава кон ЕУ, но и да ги „омекне“ односите со официјална Софија. За дел од бугарската експертска јавност, продолжувањето на сегашната ситуација без вистински напредок носи само негативни страни – и за европската перспектива на Македонија и за билатералните односи со Бугарија. Според, Марија Симеонова, директорката на Канцеларијата на Европскиот совет за надворешна политика во Софија, со спроведувањето на овој предлог, Македонија ќе ја покаже својата решеност пред Брисел дека е посветена на прифатените барања од таканаречениот француски предлог од 2022 година, а во исто време ќе отвори можност да дејствува како катализатор за позитивен развој на односите со Софија во други билатерални области.

-Дејствијата на СДСМ покажуваат проактивност, што е позитивен сигнал за процесот на пристапување на Севернa Македонија во ЕУ и за почеток на преговорите. Од една страна, предлогот ја нагласува итноста за преземање конкретни технички чекори, а од друга страна, внесува јасност во врска со тоа што е прифатливо за земјата и нејзините граѓани. Поставените „црвени линии“ го одразуваат акумулираното незадоволство кај општеството, предизвикано од чувството дека процесот трае предолго и дека симболи од висока вредност за граѓаните на Северна Македонија се засегнати во процесот, вели Симеонова за „Локално“.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува работите да се придвижат напред на почетокот на следната година во делот на гаранциите дека уставните промени ќе бидат последното барање на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија. По посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Софија, каде што изјави дека е крајно време Македонија да добие некакви гаранции дека нема да има нови барања за продолжување на европскиот пат, тој вели дека разговарал со него и се согласиле дека уставните промени треба да бидат последното барање на нашиот европски пат и дека за ова треба да се добијат некакви гаранции. За изјавите на премиерот, Симеонова не мисли дека има смисла да се зборува за притисок од „посилна страна“, бидејќи во ЕУ одлуките за проширување се носат едногласно и секоја земја-членка може да стави вето на тоа.

-Изјавите на премиерот Мицкоски за гаранциите од ЕУ не го земаат предвид фактот дека Бугарија успеа да ги објасни своите барања на Брисел и тие беа поддржани од сите други 26 земји-членки. Пред самитот на Европскиот совет во јуни оваа година, бугарскиот премиер увери дека Софија нема да поставува различни услови по усвојувањето на амандманите на Уставот, како и да го претвори процесот во билатерален. Овие гаранции имаат смисла кога се гради доверба, а во последните неколку години таа само се уништува, посочи Симеонова во изјавата, додавајќи дека усвојувањето на амандманите на Уставот ќе го отвори патот за затоплување на односите меѓу Софија и Скопјe и можен успех во други области од билатерален карактер.

Н.П.

Слични содржини