Симеонова за уставните измени: Ескалацијата на реториката на актуелната Влада е поврзана со дистанцирањето од она што беше договорено од претходната влада на СДСМ

Симеонова за македонските евроинтеграции: Всадувањето страв дека ќе следат повеќе барања од Бугарија е контрапродуктивно

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

„Во текот на изминатите неколку години, темата за Северна Македонија постепено исчезна од активната бугарска внатрешна политичка дебата. Бугарската јавност во голема мера го прифати таканаречениот француски предлог од 2022 година како дефинитивна бугарска позиција, која подоцна беше поддржана и институционализирана од сите 27 земји-членки. Исто така, важно е да се нагласи дека овој компромис беше прифатен и од самата Република Северна Македонија, кога тогашната влада се согласи со условите за започнување на процесот на преговори“, вели во разговор за „Локално“, Марија Симеонова, директорка на Канцеларијата на Европскиот совет за надворешна политика во Софија, за последните пораки на премиерот Христијан Мицкоски дека можеме да чекаме и со децении, но дека нема да се влегува во авантура без јасен крај, говорејќи за европскиот пат на Македонија.

Четири години подоцна, вели Симеонова, станува сè поочигледно дека ескалацијата на реториката од страна на актуелната македонска Влада е во голема мера поврзана со домашната политичка динамика во земјава – поточно, дистанцирањето од она што беше договорено од претходната влада на СДСМ. Во овој контекст, оценува соговорничката, Бугарија често станува инструмент за домашна политичка мобилизација.

Исто така е важно да се напомене дека таканаречениот француски предлог не го доведува во прашање македонскиот идентитет. Тој само предвидува уставна промена преку која Бугарите би биле вклучени како една од заедниците во Уставот на земјата – практика што веќе постои за другите етнички групи.

Всадувањето страв дека ќе следат повеќе барања од Бугарија е контрапродуктивно. Во пракса, секоја земја-членка може да стави вето на процесот на преговори. Верувам дека во Бугарија нема политичка волја да се врати Северна Македонија во јавната дебата, порача Симеонова.

Фото: Фејсбук/Креатива Локално

„Без гаранции за македонскиот идентитет и за правата на Македонците во Бугарија, нема напредок. Нема да влеземе во авантура без јасен крај“ – се зборовите на премиерот Мицкоски. Владата останува на цврста позиција и нема да се направи отстапка ниту милиметар. „За разлика од нас, СДСМ ги гледа евроинтегративните процеси исклучиво како распродавање на македонскиот национален идентитет“, вели шефот на владата.

Ако сега не се направи чекорот ризикуваме да го изгубиме моментот на проширување – реплицира лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој го обвини Мицкоски дека ги предал македонските национални интереси. Според него, одбивањето на евроинтегративниот процес е само параван, бидејќи македонскиот идентитет и јазик се заштитени.

И додека Мицкоски цврсто ги бара гаранциите и предвидливиот крај на евроинтегративниот процес, без дополнителни условувања, Филипче вели силно ќе се спротивстави на ставот на владата преку партиски активности и зацврстување на, како што вели фронтот.

Н.П.

Слични содржини