Симовски: Ако има услови да се вакцинираат попишувачите ќе бидам многу среќен

од Nikola Popovski

„Попишувачите ќе бидат безбедни за граѓаните, а би било уште подобро доколку има можност да се вакцинираат. Би се согласиле да се одложи попишувањето на терен за краток период за да се спроведе нивната вакцинација“, изјави денеска директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски на прес-конференција.

Според него, проверктаа на попишувачите со ПЦР тестови е тешко да изведе, бидејќи треба секојдневно да се тестираат сите 6.000 попишувачи, да се чекаат резултатите, па потоа да се оди на терен.

„Ако има услови да се вакцинираат попишувачите ќе бидам многу среќен“, рече Симовски.

Тој вели дека со оглед дека временските услови се подобруваат, онаму каде што е можно, попишувањето ќе се прави на отворено, а онаму каде што тоа не е можно, ќе бидат запазени сите протоколи и многу повеќе.

„Не слушајте ги овие хушкачи, кои го наоѓаат оној најчувствителен момент за да пропагираат неучество во пописот. Не им се целта заштита на граѓаните, целта им е да нема попис во оваа држава, целта им е оваа држава да тоне во кал што е можно подлабоко, а не да оди напред. Ова е операција која ќе прибере многу податоци кои ќе бидат реална основа за сите оние кои ќе треба да го планираат развојот на оваа држава. Во сите области, економија, здравство, култура, наука итн“, истакна Симовски.

Слични содржини