Во просториите на шаховскиот клуб „Каменица – Саса” во Македонска Каменица денеска се одржува симултан натпревар на членови на клубот со шаховскиот велемајстор Габриела Коскоска.

Натпреварот го отвори градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова која ги поздрави присутните шахисти и изрази задоволство за големиот интерес на младите шахисти од Општината.
На присутните шахисти им се обрати и шаховскиот велемајстор Габриела Коскоска, која говореше за своите почетоци, за позначајните натпревари, како и за убавините во животот кои и ги овозможила шаховската игра.
Инаку, Габриела Коскоска е повеќекратен првак во шах во државата, како и повеќекратен шампион на многу меѓународни натпревари.
Како претседател на ШК „Каменица – Саса”, Лазо Стаменковски истакна дека ова е еден од низата настани што клубот ги планира за летниот период. При тоа покрај редовното работно време на клубот, од 17 до 21 часот секој работен ден, продолжуваат и редовните саботни предавања за најмладите членови, како и организирање на симултани натпревари со истакнати шахисти од државата. До крајот на летото клубот планира организација на неколку турнири, како и организација на Отворено првенство на Македонска Каменица.