Царините на САД ги тресат светските финансиски пазари – берзите и крипто-пазарот се во центарот на вниманието. Додека глобалните берзи се соочија со историски дводневен пад, биткоинот покажа стабилност, зајакнувајќи го својот имиџ како потенцијално безбедно засолниште за време на економските турбуленции. Повеќе од 5 трилиони долари во вредност беа избришани од S&P 500 по агресивните нови царини на американскиот претседател Доналд Трамп, но биткоинот падна за само 3,7%, држејќи се над клучната граница од 82.000 долари. За споредба во март 2025 година крипто-пазарот имаше пад од 4,4 проценти, по нестабилноста што настана откако Трамп издаде извршна наредба за воспоставување Стратешка резерва на биткоин, но и поради тековната несигурност во однос на стапките на Федералните резерви.
Низ светот се јавуваат повеќе дилеми, меѓу кои најголеми се какво ќе биде понатаму влијанието на царините на биткоинот кога ќе заврши 90-дневната пауза за над 75 земји и дали сопствениците на криптовалути се најголемите добитници од политиките на Трамп…За дел од експертите сопствениците на криптовалути се секако добитници на долг рок. Според крипто-експертот и портфолио стратег, Дарко Симуновски, политиките на Трамп допрва треба да се спроведуваат и да се направи САД како еден светски препознатлив крипто хаб. Оценува дека крипто-инвеститорите ќе бидат дополнително во добивка кога Владата ќе почне со купување на криптовалути (за дигиталниот фонд и биткоини фонд за национални резерви), а со тоа светската адoптација ќе го започне суперциклусот на блокчејн технологијата.
Околу царините и што значи тоа за САД, а што за трговската размена во светот, Симуновски во разговор за „Локално“ вели дека одлуката за 90-дневна пауза, додека царините за кинескиот увоз се зголемуваат на 125%, има значајни последици, особено во контекст на САД во блага стагфлација.
-ЕУ веќе подолго време е во рецесија и силно зависна од САД, со 17% извоз во САД, а најпогодена ќе биде германската автомобилска индустрија, додека Кина има дефлација. САД покрај стагфлацијата останува економски силна, а оваа мерка ја зајакнува нејзината преговарачка позиција. ЕУ веќе некое време е во рецесија и зависна од американскиот пазар добива привремено олеснување од паузата, но нарушувањата во глобалната трговија поради тензиите со Кина индиректно ја загрозуваат. Кина, борејќи се со дефлација, е особено погодена од царините од 125%, што дополнително ќе го намали нејзиниот извоз, продлабочувајќи ги економските предизвици и нарушувајќи ги глобалните синџири на снабдување. Со овие мерки за зголемување на тарифите за увоз, САД ризикува инфлационен импакт на американската економија, но и глобална нестабилност, особено за кинеската економија и синџирот за набавка. Ваква ситуација би била неповолна за традиционалните берзи и криптопазарот доколку нема нови договори на трговска размена. Сепак сметам дека ова е дел од преговарачки процес за да се дојде во подобра преговарачка позиција од страна на САД, тврди експертот.
Според Симуновски, криптопазарот се уште нема бул маркет од 2021 година и очекува да започне во 4-тиот квартал оваа година и врвот да го достигнат во 2026 година. Напоменува дека досега имавме крипто бул ран од декември што траеше до средината на јануари што беше воден само од сентимент поради најавените политики од страна на Трамп и крипто-пријателските регулации.
-Криптопазарот е сеуште потценет на глобално ниво, но само прашање е на време кога институциите регуларно ќе инвестираат во криптоиндустријата за колку време би се случила светска адoптација на криптовалутите и блокчејн технологија како светски златен стандард за дигитализација. Сметам до 2032 година криптопазарот дека би тежел околу 50 трилиони американски долари маркет капитализација, додека пазарите со акции во просек да бидат повеќе од дупло со помош на токенизација што ќе се случи на јавни блокчејн мрежи, објаснува соговорникот.
За став како лично го менаџираше неговото крипто-портфолио во изминатиот период и што совет би им дал на останатите инвеститори како да се однесуваат, Симуновски анализира дека купува и чува криптовалути од 2017 година, најголемиот дел има алокација на Биткоин 65%, 10% во злато и остатокот од 25% во различни класи на криптовалути.
-Секогаш купувам просек цена на криптовалути кога пазарот е во негатива (од 2022 до почеток 2024 година) и кога берзата има позитивен раст како јануари (почетокот на оваа година)делумно продавам и чувам во долари, спремен за следниот пад на берзата. Значи кога е долу се купувам на просек цена и продавам поголем дел на бул маркет, посочува Симуновски и додава дека покрај биткоин и етереум, советува да се инвестира во полкадот (нулта блокчејн за поврзување други блокчејн мрежи со најдобра технологија, најбрза мрежа и најдецентрализиран блокчејн), Ааве блу-чип де-фи протокол, СУИ блокчејн мрежа во подем за брзи трансакции ФЕТ блокчејн мрежа за изработка на агенти од вештачка интелигенција и други криптовалути од различни класи на крипиндустријата.
Биткоин би можел да достигне вредност од 250.000 долари веќе до крајот на оваа година, според Чарлс Хоскинсон, основачот на блокчејнот „Кардано“ и еден од пионерите во криптоиндустријата, во интервју за „CNBC“. Тој вели дека големите технолошки играчи како Мајкрософт и Епл, кои влегуваат во криптосферата, би можеле да бидат клучни катализатори за тој раст. Сепак, биткоинот е сè уште далеку под рекордното ниво од јануари, кога надмина 100.000 долари. И покрај ова, многумина во индустријата остануваат крајно оптимисти.
Хоскинсон верува дека трговските тензии на крајот ќе стивнат и пазарите ќе ги стабилизираат очекувањата:
„Целата работа со тарифите ќе биде неуспешна. Луѓето ќе сфатат дека светот сака да преговара и дека навистина се работи за САД наспроти Кина. Некои ќе бидат со нас, некои ќе бидат со Кина“, рече Хоскинсон.
„Пазарите малку ќе се смират, ќе се навикнат на новата нормала, а потоа американската централна банка ќе ги намали каматните стапки“, додаде тој.
Кина и САД ја продлабочуваат трговската војна. Пекинг се спротивстави на Трамп и изјавите од Белата куќа која потврди дека тарифната стапка за кинескиот увоз била 145, а не 125 насто. Велат-не сакаме да војуваме, но нема ниту да се повлечеме.
Трамп задоволен, тврди дека работите одат многу добро за неговата земја додека ги продолжува преговорите со 75 земји за кои прогласи тримесечна пауза на реципрочните царини. Нагласи дека светот има понуди какви досега немало, нагласувајќи дека сака договор со Кина. Трамп ја пофали Европската Унија дека е многу цврста, но и паметна, истакнувајќи дека решиле да повлечат рачна со противмерките откако виделе како САД постапиле со Кина. Брисел претходно соопшти дека царините за околу 21 милијарда евра на американски стоки се во мирување, но дека пристапот на Унијата не е променет. Се надеваат на договор.
Последната одлука е дека САД одлучија да ги изземат паметните телефони и компјутерите од неодамнешните царински мерки. Тие исклучоци се однесуваат на електронските производи увезени во САД од Кина. Полупроводниците се ослободени од царините од 10 отсто што се применува на повеќето американски трговски партнери. Одлуките доаѓаат како олеснување за американските потрошувачи, кои беа изложени на ризик да се соочат со зголемување на цените на овие популарни производи. Без овој исклучок, царините тешко би ги погодиле технолошките гиганти како „Apple“ кој произведува „iPhone“ и други уреди во Кина. Критичарите предупредија дека таквата политика може да предизвика зголемување на цените на уредите, нарушување на синџирот на снабдување и дополнително заострување на трговските односи со Пекинг.
Н.П.