Синдикатот на културата излегува на протест пред министерството

од Nikola Popovski
43 прегледи

Синдикатот на културата денеска напладне излегува на протестен собир пред ресорното министерство. Разочарани од односот поради кој 3.000 работници за велигденските празници останаа без плати. Револтот е уште поголем што истото се повторува секоја година. Покрај ова, не се откажуваат и од поднесување тужби за непочитување на колективните договори.

СДСМ го критикува потегот вработените во културата да не ги добијат своите плати пред празникот Велигден и сметаат дека нема значење извинувањето на министерот за култура, Зоран Љутков. Според СДСМ, Владата на ВМРО-ДПМНЕ направи груб и срамен удар врз културните работници токму во пресрет на големиот христијански празник.

-СДСМ прашува, зошто не се почитува колективниот договор? Зошто културните работници се навредуваат од страна на институцијата што треба да ги штити? Ако Љутков не е способен да ги исполни обврските, нека си поднесе оставка, велат од најголемата опозициска партија, истакнувајќи дека културните работници создаваат вредности, чуваат традиција и заслужуваат третман со достоинство, а не молк, навреди и игнорирање.

Министерот за култура пред три дена преку социјалните мрежи им се извини на вработените за доцнењето, со ветување дека ќе ги добијат платите заедно со зголемувањето на почетокот на оваа недела. Љутков појасни дека причина за доцнењето е усогласувањето на платите со Министерството за финансии.

За извинувањето на министерот Зоран Љутков поради тоа што културните работници не добија плата пред големиот христијански празник, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е коректен гест што јасно покажува разлика во пристапот.

-За разлика од времето на СДС, кога грубите навреди и дисквалификации врз уметници и институции беа секојдневие, денес имаме отчетност, одговорност и сериозен однос, стои во соопштението од најголемата владеачка партија, додавајќи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на вистинските вредности во културата – без привилегирани, без партиски кланови, туку со поддршка за сите што навистина творат, вложуваат и придонесуваат.

Со обвиненија се огласија и од Левица. Оттаму велат дека министерот за култура изјавил како планот на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН е да го приватизира културното наследство, што, според Левица, е да му се даде на приватниот капитал да ни ја раскажува историјата, да ни го обликува идентитетот. Левица бара министерот и владеачката партија од каде што доаѓа да не си играат со културното наследство заради задоволување нечии апетити.

Над 3.000 вработени во културните институции останаа без мартовска плата за Велигден, иако платата требаше да се исплати најдоцна до 15 април.

Слични содржини