Синдикатот на културата информира дека „некаде“ започнала исплатата на платите, но не во согласност со Колективните договори, туку, како што велат, по некаква нова неправна формула.
-Кој “работи” тој и греши, но кој ќе ги сноси последиците? Изработката на решенија за плата и самата пресметка, е направена под притисок, првично врз директорите, а подоцна и врз вработените од институциите кои се задолжени за изготвување на платите. Тие под притисок на раководните лица беа принудени да изработат нешто за што сметаа дека не е по закон, сметаат од СКРМ. Додаваат дека останува нејасно како вработените земаа плата, без претходно дадени нови решенија и без истите да станат комплетно правосилни.
-Во целиот овој хаос просто и се заборави на институциите кои се под локална власт, особено оние под градот Скопје. Таму пак воопшто и не се изготвуваат решенија, а не се ни прават пресметки за плата. Кога овие вработени ќе ја земат мартовската плата, прашува Синдикатот и порачува дека подготовката за обжалување и поднесување на тужби е во тек.
-СКРМ ќе поднесе барање за прием кај премиерот за конечно да бидат расчистени сите досегашни кажани работи во врска со КД за култура, како и за начинот на пресметка на платите. Во минатото многу се обиделе да ја потчинат културата и културните работници. Досега на листата има многу имиња кои ќе бидат запишани и запомнети дека брижно се грижеле да ја уништат културата и вработените во културата, не сфаќајќи дека со тоа се ништат себеси, а со тоа и идентитетот на една цела нација. Имате шанса да ја прекинете листата и да бидете запаметени како поддржувачи и заштитници на културата, стои во соопштението.
Околу 3.000 културни работници од 120 институции ја добија мартовската плата согласно колективниот договор. Социјалниот дијалог со синдикатот ќе продолжи до изнаоѓање долгорочно решение за стабилност на културните институции – уверуваше вчера Министерството за култура и туризам.
-Исплатата на платите за вработените во институциите од областа на културата во координација со Министерството за финансии е во тек и ќе заврши денеска. Истовремено, го потврдуваме ставот дека социјалниот дијалог со Синдикатот мора да продолжи, соопштија од ресорот.
По протестот, ова прашање се актуализираше и во Собранието. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека и покрај тоа што колективниот договор во културата е со истечена важност и не добил согласност од тогашниот министер за финансии, сепак, платите се исплатени со зголемувањето.
Министерот Зоран Љутков ги отфрли шпекулациите дека платите не биле донесени поради неговото заминување на пат.
-Не е точно дека сме почнале да правиме посебни решенија, па не сме успеале да ги донесеме платите затоа што јас сум бил на пат. Јас бев во Македонија кога требаше да се решава овој проблем. Јас не сум како вас, да одам во Стразбур во време на најголемата несреќа што се случи во државата. Свесен сум дека не ги дадовме платите пред Велигден, но конечно го решивме проблемот. Конечно направивме пресметка, која што е достојна и која што е законска. Успеавме за неполн месец дена да се собереме, да направиме работна група и да направиме добра проценка како треба да изгледа овој колективен договор и исплатата на пари, со согласност од Министерство за финансии, конечно после четири години, додаде вчера министерот во своето обраќање од собраниската говорница.