„Синохидро“ ќе ја повлече тужбата во Париз против ЈПДП, заштедени над 50 милиони евра

од Nikola Popovski
92 прегледи

Вчера Владата одржа редовна седница на која донесе повеќе одлуки и решенија, но беше и соопштена новост околу деценискиот автопат Охрид-Кичево.

Владината прес-служба соопшти дека Министерството за транспорт ја информирало Владата како успеало да постигне согласност со изведувачот на автопатот Кичево-Охрид, Синохидро за да ја повлече арбитражата пред Меѓународниот суд за арбитража во Париз со кој беше оптужено Јавното претпријатие за државни патишта.

-На овој начин се заштедени над 50 милиони евра кои ќе беа потрошени доколку арбитражната постапка продолжеше, стои во соопштението од „Илинденска бр.2“.

На 1-ви април годинава, со 78 гласа „за“ беше изгласан Законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид. Со ова до крајот на 2026 година се пролонгира рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид.

Анексот на Договорот за автопатот Кичево-Охрид, што почна да се гради во февруари 2014 година, е шести по ред. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколкуте анекси на договорот и продолжувања на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра. На крајот на минатата година ресорното Министерство ангажираше експерт за Фидик-договори задолжен да направи анализа на Договорот за изградба на автопатската делница. Ангажираното вешто лице достави извештај до претходната Влада во која се посочуваат три опции – да се продолжи договорот со изведувачот Синохидро, продолжување на договорот со плаќање пенали и како трета опција целосно раскинување на договорот.

Слични содржини