Министерството за внатрешни работи информира дека 25-годишен пешак загинал синоќа по сообраќајна несреќа помеѓу два автомобила во Скопје. Според полицијата, трагичниот настан се случил речиси половина час пред полноќ.
Во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Словенечка“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.О.(39) од Скопје и патничко возило „мерцедес“ со италијански национални ознаки, управувано од А.С.(41) од Скопје, при што возилото со скопски ознаки удрило во пешакот М.В.(25) од Скопје, појаснуваат од полицијата.
Се додава по несреќата пешакот бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде им подлегнал на повредите.
Возачот С.О. и неговата сопатничка М.О.(28) од Скопје се здобиле со тешки телесни повреди, а возачот А.С. со телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „8 Септември“. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје, стои во полицискиот билтен.
Според Јавното обвинителство, прибрани се траги и обезбедени се снимки од видео надзор. Оттаму велат дека се работи на утврдување на причините за несреќата.