„Би сакале да ги демантираме сите невистини дека наводно сме претепале момче и дека заради тоа сме биле приведени“, се огласија Александар и Филип Мијалков, синовите на Сашо и Влатко Мијалков, откако вчера дел од медиумите објавија дека биле приведени после тепачка во кафуле во Дебар Маало.
Тие велат дека се „свесни дека презимето кое го носиме предизвикува внимание во медиумите и јавноста, но тоа не ја намалува обврската за професионално известување и пренесување на двете страни пред да се изведе заклучок дека некој некого претепал или бил уапсен“.
„Во петокот вечерта со неколкумина пријатели бевме излезени во кафуле во Дебар Маало. Околу 20.45 часот еден од пријателите од нашето друштво имаше расправија со девојката, после која беше нападнат од неколкумина нејзини другари. Еден од нив, кој делуваше дека е под дејство на алкохол, извади и боксирач и удираше со него.
Ние двајцата ги двоевме двете групи и се обидувавме да ја смириме ситуацијата за да не ескалира. Откако момчињата од двете групи излегоа надвор, лицето кое имаше боксирач продолжи да напаѓа, а ние се трудевме да спречиме некој да биде повреден. На жалост нашиот пријател се здоби со три расекотини на главата од боксирачот на тоа момче.Подоцна разбравме дека токму напаѓачот е тоа 19 годишно момче кој го пријавил настанот.
После случката заминавме дома, нашиот пријател побара медицинска помош.
Вчера не бевме приведени, туку бевме повикани од полицијата за да дадеме исказ во врска со настанот и веднаш постапивме по поканата и кажавме што и како се случи.
За жал, еден од нашите пријатели и во текот на вчерашниот ден продолжи да добива закани на мобилниот телефон. Исто така во текот на вчерашниот ден, Филип беше нападнат од истата група на момчиња кои што со шипки и пендраци удираа по колата во која што седеше. Во полиција е пријавен и насилен напад врз Филип при што беше оштетено возилото во кое се наоѓаше“, стои во демантот на братучедите.
„Ноќеска во 00.30 часот во Полициска станица Центар, И.С.(19) од Скопје пријавил дека на синоќа околу 21.45 часот во и пред угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Ж.К., А.М., М.К., Ф.М., С.Р. и И.С.. Лицата се повикани во полициска станица и известен е Jавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштиле вчера од МВР.
Полицијата не го откри идентитетот на напаѓачите, но сепак, иницијалите на осомничените упатуваат на тоа дека меѓу приведните се и синовите на Мијалкови.
Според неофицијалните информации, тепачката прво започнала пред локалот, а продолжила надвор на улицата, во скопско Дебар Маало.