Сириски лекар обвинет за злосторства против човештвото

од Vladimir Zorba
229 прегледи

Германското обвинителство објави дека обвиниле сириски лекар за злосторства против човештвото, за тортура врз луѓе во воени болници во Сирија и убиство на еден од нив.

Канцеларијата на Федералното обвинителство во Карлсруе изјави дека докторот Ала Муса е обвинет по 18 точки, за тортура врз луѓе во воени болници во сириските градови Хомс и Дамаск.

Муса дојде во Германија во 2015 година и практикуваше медицина се до апсењето минатата година.

Тој е обвинет, меѓу другото, и дека се обидел да предизвика стерилитет кај неговите жртви. Според обвинението, Муса истурил алкохол на гениталиите на тинејџер и маж и ги запалил со запалка во воената болница во Хомс.

По избувнувањето на бунтот против режимот на сирискиот претседател Башар Асад, демонстранти често беа апсени и мачени. Повредените цивили за кои се смета дека се припадници на опозицијата, исто така, беа носени во воените болници, каде што беа мачени, а понекогаш и убивани, соопштија германските обвинители.

Во февруари, германскиот суд осуди поранешен припадник на тајната полиција на Асад за тортура врз затвореници, што е прва пресуда надвор од Сирија против официјални лица на земјата, за злосторства против човештвото.

Слични содржини