Вишокот килограми и маснотиите во организмот се лоши по здравјето, но најопасни се масните наслаги на стомакот бидејќи се наоѓаат околу виталните органи и го зголемуваат ризикот од бројни здравствени проблеми. Повеќето луѓе со прекумерна тежина обично имаат проблем со салото на стомакот, но добрата вест е дека некои намирници можат да ви помогнат.
Новото истражување во кое учествувале 556 доброволци на возраст од 65 до 79 години покажа дека јаткастите плодови, за кои многумина погрешно веруваат дека се виновни за дебелеење, всушност го спречуваат таложењето на маснотии на стомакот.
Учесниците во истражувањето јаделе 30 грама јаткасти плодови или сушено овошје најмалку три дена во неделата, а научниците забележале дека оние кои не ја консумирале препорачаната количина од овие намирници имале 19 отсто поголема инциденца на абдоминална дебелина.
„Јаткастите плодови се богати со калории и богати со здрави незаситени масти. Покрај тоа што ќе ви помогнат да изгубите тежина, ќе бидете сити и подолго време по консумирањето на овие намирници“, вели нутриционистот Габи Вака-Флорес.
Сувото овошје содржи големо количество влакна, кои се добри за варење, а ја продолжуваат и ситоста.
Секако, бидејќи се работи за висококалорична храна, несомнено ќе се здебелите доколку ги јадете прекумерно, а нутриционистот вели дека најдобри ефекти ќе постигнете со 28-30 грама јаткасти плодови или суво овошје дневно.