Манчестер Сити им соопшти на заинтересираните клубови по која цена е подготвен да се раздели со напаѓачот Габриел Жесус. „Граѓаните“ се подготвени да го ослободат Бразилецот доколку добијат понуда вредна 50 милиони евра, тврди „Кадена СЕР“.
Фудбалерот речиси сигурно ќе го напушти „Етихад“ ова лето. Сити веќе ангажираше двајца играчи на неговата позиција – Ерлинг Халанд и Џулијан Алварез, па Жесус ќе има многу помали шанси да се истакне доколку остане во клубот. На крајот и двете страни решија дека е најдобро да се разделат, па Британците веќе бараат купувач за овој играч. Згора на тоа, неговиот договор истекува за една година, па сега е најдобро време да го продаде за да може клубот да земе максимална сума.
Неодамна се појавија информации дека Жесус им бил понуден на шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона, а интерес за него покажал Анчелоти. Пред извесно време Бразилецот се поврзуваше и со Јувентус, но се чини дека „Старата дама“ се откажа од идејата за негово привлекување.
Во моментов најсериозен кандидат за 25-годишниот напаѓач е Арсенал. „Топџиите“ дури почнале разговори за негово привлекување. Сепак, Манчестер Сити се надева на друг кандидат од странство, бидејќи не сака да го продаде Бразилецот на директен конкурент во Англија.