СЈО го објави извештајот – отворени нови 14 предистражни постапки

од Vladimir Zorba
106 прегледи

Специјалното јавно обвинителство денеска го обелодени третиот шестмесечен извештај за својата работа. Со оглед на фактот дека сè уште не е конституирано Собрание, СЈО, според практиката, извештајот го достави до Советот на јавни обвинители.

Во извештајот стои дека СЈО во последните 6 месеци биле отворени 14 нови предистражни постапки, и доколку се земат предвид 54 предистражни постапки отворени од неговото формирање па заклучно со вториот извештаен период, во моментот во работа има вкупно 68 предмети кои се во фаза на предистражна постапка.

Јавни обвинителства, судови и други државни институции и органи не постапуваат по барањата и роковите определени од Специјалното јавно обвинителство. Ова претставува еден од најсериозните проблеми за нормално и ефикасно работење на обвинителството, велат од СЈО во извештајот за работата од 15 септември 2015 до 15 март 20116 година.

СЈО досега преслушало 45% (или 272.950) од вкупниот број аудио фајлови, од кои 2.030 часа или 90.618 аудио фајлови биле приватни разговори. Во СЈО откриени се уште 66.909 избришани аудио фајлови, со тоа што вкупната бројка на аудио фајлови се искачи на 606.555. На овие фајлови е извршен електронски попис кој се наоѓа на вкупно 15.906 страници во електронска форма. При попишувањето е утврдено дека времетраењето на сите аудио фајлови изнесува 13.200 часа.

Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреба на средствата за финансирање на изборна кампања, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.
Во најскоро време може да се очекуваат и првите обвиненија, се најавува во извештајот.
Целиот извештај погледнете го тука