Специјалното јавно обвинителство распиша оглас за 30 нови вработувања. Бараат од стручни соработници, советници до технички персонал.
Според огласот распишан денеска обвинителството е во потрага по информатичари и економисти кои ќе ги советуваат обвинителите, јави Телма. Се бараат и помлади обвинителски соработници, преведувачи, дактилографи и еден референт за финансиски истраги. Од техничкиот персонал СЈО бара доставувачи, работник во бифе и хаус мајстор.
„Се отвори потреба од нови вработувања и за кои добивме согласност од министерството за финансии, а трошоците за нив се во рамки на предвидениот буџет. Потребна ни е помош од стручен персонал за веќе постоечките истраги, доработка на материјалите за нив но и за новите истраги на СЈО на кои се работи“, велат од СЈО, за Телма.