Неколку високи функционери од грчката влада поднесоа оставки откако нивните имиња беа споменати во истрагата на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО) за повеќегодишна измама со европски земјоделски фондови вредни милиони евра, објави „Катимерини“.
Оставките ги дадоа министерот за миграција Макис Воридис, заменик-министерот за надворешни работи Тасос Хачивасилеу, заменик-министерот за рурален развој Дионисис Стаменитис, заменик-министерот за дигитално управување Христос Букорос и генералниот секретар за рурален развој и храна Јоргос Стратакос.
Според податоците од досиејата на ЕППО, десетици лица, вклучувајќи државни функционери, пратеници и функционери од државната Агенција за плаќање и контрола на заедничките земјоделски субвенции (ОПЕКЕПЕ), која е одговорна за распределба на средствата од ЕУ, учествувале во систематска злоупотреба на субвенции за непостоечки пасишта и фиктивни земјоделски активности.