Фудбалски скандал ја потресе Србија, откако УЕФА го идентификуваше клубот Текстилац од Оџаци како „учесник во нерегуларни дејствија насочени кон манипулирање со резултатите“. Поради тоа Богдан Ѓурѓевиќ, задолжен за интегритетот на Фудбалскиот сојуз на Србија, поднесе дисциплинска пријава против овој клуб кој се натпреварува во српската Суперлига, тамошната највисока фудбалска лига.
Сомнителен меч бил оној против ИМТ кој се одиграл во март годинава. На тој натпревар ИМТ победи со 2:1 против Текстилац, а како што пишува српски „Моцартспорт“, УЕФА во својот извештај наведува „јасни и непобитни докази за манипулации и неправилности поврзани со обложувањето на овој натпревар“. Имено, одредени обложувачи пред и за време на натпреварот, „сомнително и интензивно“ се обложувале на пораз на Текстилац, со услов на тој натпревар да бидат постигнати најмалку три гола.
Дополнителен проблем за Текстилац е и фактот што Одделението за интегритет на УЕФА констатирал дека овој клуб веќе бил означен како потенцијален учесник во нерегуларности во јануари. Ова се случил за време на пријателски натпревар, кога на 18 јануари на мечот против унгарскиот Шекешфехервар, светските обложувалници забележале невообичаено голем број на облози на пораз нљ српскиот клуб со минимална разлика од два гола и дека ќе бидат постигнати најмалку четири гола. На крајот резултатот бил 5:1 за Унгарците. Уште еден инцидент се случил само два дена подоцна, кога Текстилац играл против словенечки Радомље, а повторно се појавилњ сомнителни уплати за пораз на српскиот клуб. Радомље победил со 2:0.
УЕФА во извештајот заклучува дека Текстилац треба да биде под посебна лупа поради неивната историја на натпревари кои се поврзуваат со ескалирани сомнежи за нерегуларности. Текстилац во моментов по 30 одиграни кола во Суперлигата е на претпоследното место со 31 бод и се бори за опстанок.