Со чинот на качење обвинувања на Зоран Заев воочи најавените термини за решавање на кризата во Брисел на 10-ти јуни власта го прави чекорот на конечно рушење на преговорите со, за нив единствено познатиот стил на раководење, бескурпулозен притисок и уцена како вовед во „договарањето“! Последицата е јасна и неодминлива – анулирање на средбата во Брисел како последица од крајно дебалансирање на односите на преговарачите.
Можеби власта со ова ја прави и спасоносната формула за сите нас од граѓанскиот сектор бидејќи ја остава опозицијата без опции освен радикално одбивање да се учествува во сега понижувачко дебалансираниот „дијалог“ со посредници во Брисел и отворање на порадикалните опции на судир со диктатурата.
Опозицијата и граѓанскиот сектор сега немаат дилеми дека треба да ја отворат таа фаза од судирот со власта, преку две паралелни мобилизации: една заедничка со Албанците околу човековите права загрозени со монтировки и случајот „Монструм“ и втора, исто така заедно, со одбивање да се прифати корумпираната и партизирана власт да се изживува, преку монтирани случаи, со лидерот на опозицијата и симболот на разнебитувањето на власта со аферата на масовното прислушување, што всушност ја фрли на колена власта во последнава политичка криза – Зоран Заев.
Однесувањето на европската дипломатија е сè уште конфузно и неодлучно. Овие дваесеттина години илјадници брифинзи и средби ме оставаат во недвосмислен впечаток дека мноштвото европјани во своето алтер-его се импресионирани од диктаторите и разните ништожници од авторитарни владетели. Просто се подмочуваат на нивното најмало наговестување од попуштање и спремни се да се истурат со сите средства кон испитаниот и мирен дел од либералните политичари со барање на компромис.
Во нашиов случај го сметам за скандалозно прекршување на европските вредности и либерални демократски традиции што еден ништожник и мафијашки шеф, кој во духот на наведените вредности одамна требаше да поднесе оставка и политичка одговорност за прекршување на правото и обелоденети скандали со прислушувањето во кое тој ги издава клучните криминални наредби – сепак го сметаат за „легитимна страна“ на преговори кој еве нешто као отстапува и сега бараат исто така нешто од опозицијата да направи во таа насока.
Ако забележувате, сите три т.н. опции за решавање на кризата кои протекоа во медиумите се со ублажена, но сè уште негова присутност во преодните влади кои се нудат како решение???
Би разбрал инсистирање на присуство на партијата ДПМНЕ, но негово лично го сметам за дипломатски скандал.
Тој е криминална фигура која не може понатака да фигурира во ниту една можна политичка опција.
Тоа е црвената линија на сите нас: Тоа е таа црвена линија на демократска Македонија која ние одлучуваме да ја подвлечеме одлучно, сега и овде, и да завршиме со диктатурата која нè доведе до дното на регионот во материјална, достоинствена и демократска смисла.
Оваа одлука дипломатите навикнати да ги притискаат фините и добрите либерали мислам дека недоволно сериозно ја земаат на знаење! Но, сега е време сите нив да ги соочиме со нејзината тврдост и непорекливост.
Подигањето на кризната енергија на ново ниво ќе отвори можност за нови преговори. Јас тоа го гледам како можност, а не како реметење на постојнава преговарачка линија која, под притисок на македонската власт, полека крахира.
Сега е време кога не смее да изостане нашата солидарност со неправдите направени кон нашите албански сограѓани и да побараме солидарност од нив за заедничката борба за демократија и човекови права, за создавање на една вистински демократска Македонија.
Кон барикадите Камарадс!
Љубомир Д. Фрчкоски
