Растот на цените на енергенсите во последниот период силно ја погодува економијата и животниот стандард на граѓаните. Кризата не се чувствува само во енергетскиот сектор, туку и во сите сегменти на секојдневното живеење – транспортот, трговијата, производството и услугите. Поради високите цени на бензинот и дизелот, многу граѓани се принудени помалку да ги користат своите автомобили и да бараат поевтини начини на превоз. Зголемувањето на цените на горивата исто така влијае и на поскапувањето на многу други производи и услуги, затоа се почесто се поставува прашањето за потребата од конкретни мерки со кои би се намалил притисокот врз економијата и би се запрел понатамошниот раст на цените.
Економскиот експерт Здравко Савески за „Локално“ вели дека потребата од преземање на мерки воопшто не е дискутабилна, туку прашањето е колку долго тие мерки може да ги зауздаат цените на горивата.
-Дефинитивно има простор за преземање на мерки, дали тоа ќе биде намалување на ДДВ, акциза или активирање на државните нафтени резерви. Сепак, со оглед на тоа дека кај нас нафтените деривати се поевтини од соседните земји може да се јави недостиг на нашите бензиски пумпи. Затоа државата треба да забрани точење на нафтени деривати на возила со странски регистарски таблички. Во спротивно ќе се доведеме до ситуација да немаме доволно нафта и ќе мора да ги активираме државните нафтени резерви, вели Савески.

Фото: Фејсбук/Официјален профил на Здравко Савески
Но, тој смета дека овие мерки може да имаат само моментален ефект, односно можат само да ја ублажат моменталната состојба со високите цени на нафтените дериват.
-Ако не се промени ситуацијата на глобален план, мерките нема да помогнат на долги стази. Што и да преземе државата ако расте цената на нафтата во светот ќе расте и кај нас. Ние сме чекор понапред, веќе имаме регулирана цена на нафтените деривати, а соседните земји сега го прават тоа. Вината треба да се бара во пасивноста на државата во однос на војната, односо во невклучувањето на власта во напорите за запирање на воениот конфликт, вели Савески.
Според него, се очекува цените на нафтените деривати да продолжат да растат и да ја подгреат и инфлацијата.
-Со одредено задоцнување на растот на цените на бензините реагираат и останатите производи. Можно е повторување на инфлаторниот шок од 2022 година. Но, ако војната не запре за брзо, последиците врз економиите ќе бидат подалекусежни, налик на оние за време на ковид пандемијата, додава Савески.
Додека власта се уште смета дека нема потреба да реагира со конретни мерки и се остава на совест на трговците, останатите политички партии предлагаат намалување на ДДВ за горивата од 18 отсто на 5 отсто, намалување на акцизата за 4 денари и намалување на ДДВ за основните прехранбени производи.
Се најавува и можен дополнителен раст на цените. Ако војната во Иран потрае три месеци, се проценува дека цената на нафтата може да достигне 150–160 долари за барел, што е речиси двојно повеќе од сегашната цена.
-Доколку владата не примени модел што ќе го запре овој тренд, цените ќе продолжат да растат и потоа нема да има нивно намалување, дури и ако дојде до стабилизација на цената на нафтата, сметаат од опозицијата.
Б.С.