Сколс и Овен бараат Јунајтед веднаш да го отпушти Тен Хаг и да именува замена до крајот на сезоната

од Vladimir Zorba
208 прегледи

Поранешните фудбалери на Манчестер Јунајтед, Пол Сколс и Мајкл Овен, ја повикаа управата на фудбалскиот клуб веднаш да го отпушти Ерик Тен Хаг, а преостанатите четири натпревари од сезоната да ги води Стив Мекларен, кој моментално е помошник на Холанѓанецот.

„Долго тврдам дека Тен Хаг едноставно не е вистинската личност за таа работа. Тој не може да го води тимот следната сезона. Тука е финалето на ФА Купот и уште неколку важни натпревари кои ќе одредат дали тимот следната сезона ќе игра во европските натпреварувања. Во одреден момент треба да се донесат одлуки. Со оваа игра тие ќе бидат целосно разбиени од Манчестер Сити. Впрочем, Арсенал ќе ги распарчи на „Олд Трафорд“. Веројатно и Њукасл ќе ги победи и воопшто не би сакал да гостуваат кај Брајтон. Ако играат вака, можеби нема да добијат натпревар до крајот на сезоната. Влогот е голем, иако има уште само четири натпревари. Мислам дека одборот треба да направи нешто радикално. Тен Хаг едноставно не е доволно добар за да го води Манчестер Јунајтед“, изјави Овен.

Сколс целосно се согласи и додаде: „Има доволно знаци дека тој тешко може да го води тимот следната година. Вечерва (поразот од Кристал Палас -н.з.) беше последната шајка во ковчегот. Јунајтед не може да гостува во Палас и да загуби со 0:4. Се чувствува како крај. Секогаш мислев дека може да остане уште една година, но сега не изгледа така. Кој ќе го замени? Томас Тухел изјави дека го напушта Баерн (Минхен), но проблемите за Тен Хаг се уште се таму. Се сеќавам дека кога Оле Гунар Солскјаер губеше со 1:4 од Ватфорд, чувството беше исто – како да е крајот. Што треба да направат за последните четири натпревари?“.

Двајцата се согласија дека идејата Мекларен да го води тимот до крајот на сезоната е повеќе од добра, сомневајќи се дека Тен Хаг во моментов не дозволува неговиот помошник да учествува на тренингот на „црвените ѓаволи“.

„Игравме под водство на Стив. Тој е брилијантен тренер. И овој тим воопшто не е учен, делуваат неуки за повеќето работи. Нема шанси Стив да има врска со тренинзите на тимот. Невозможно е. Можам само да мислам дека има други луѓе кои го тренираат првиот тим, а тој е случаен минувач“, продолжи Овен.

„Тој не го допре овој тим. Веројатно менаџерот не му дозволува да го направи тоа. Стив е најдобриот тренер што сум го имал“, додаде Сколс.

Слични содржини