Скопје утрово е најзагаден град во Европа, покажуваат податоците на специјализираната страница за мерење на квалитетот на воздухот „IQAir“. Индексот на загаденост во Скопје достигна 166, што е висока вредност.
Прв на листата на најзагадени градови во светот е Делхи во Индија, а по него се Лахор во Пакистан, Вухан во Кина, Карачи во Пакистан, Чонгинг во Кина, Дака во Бангладеш, Ченгду во Кина, Калкута во Индија, Ханој во Виетна, Каиро во Египет, а на 11-то место е Скопје.
Според податоците на „IQAir“, од градовите во регионот, Атина е на 19-то место.
Невладините организации на протестниот марш против аерозагадувањето што се одржа минатиот месец во Скопје побара итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето.
Светската банка предупредува дека секоја година околу 2.800 жители на Македонија умираат како последица на загадениот воздух. Особено погодени се граѓаните на Скопје и Тетово, кои се изложени на значително повисоки концентрации на ПМ 2,5 честички во споредба со земјите од Западна Европа.
Надлежните постојано објаснуваат дека нема инстант-мерки што ќе го расчистат воздухот. Владата неодамна соопшти дека со зајакнати контроли и забрани ќе се бори против енормното загадување. Со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните и намалување на емисиите на загадувачки супстанции при алармантно загадување на воздухот, донесен е Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции. Исто така донесена е наредба за воведување на десет мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции кога ќе го надминат дозволениот праг.
Спас од енормното загадување на воздухот ќе се бара и во когенеративни централи коишто ќе произведуваат електрична енергија и гас. На тој начин ќе се намали употребата на дрвото, пластиката и нафтата за затоплување на домовите, а загадувањето на воздухот на тој начин би можело да се намали за 60 проценти. Во најава и е и набавка на стотина електрични автобуси со кои треба да се решава проблемот со јавниот превоз во главниот град, но и ќе се намали енормното загадување од сообраќајот.