Скопје повторно е на листите на најзагадени градови во светот. Воздухот е загаден и во други градови, а граѓаните апелираат надлежните да преземат соодветни мерки. Утрово на листата на „IQAir“, главниот македонски град е на 9-тото место во светски рамки, а според нивните мерења се оценува дека воздухот не е доволно здрав за чуствителни категории граѓани.
Според листата на „IQAir“, воздухот е опасен за дишење, а индексот на загаденост е 157. На листата на платформата за следење на квалитетот на воздухот, Скопје е втор европски град по загаденост после Сараево.
Најзагаден воздух во моментов во светот има индискиот град Делхи со индекс на загаденост 453.
Според Светската здравствена организација, загадувањето е опасно по здравјето ако просеците на ПМ10 честичките надминуваат 45 микрограми на метар кубен во 24 часа, додека за честичките ПМ2,5 надминувањето во просек не треба да биде повеќе од 15 микрограми на метар кубен на ден.
За власта заштитата на животната средина е меѓу најмалку приоритетните прашања ако се погледне распределбата на парите во Буџетот за следната година.
Во Македонија годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе, што претставува 17-19% од вкупната смртност. Главни извори на загадување се загревањето на домаќинствата и јавните објекти, сообраќајот и ресуспендираните честички.