Скопјани меѓу најнезадоволните: Истражување на ЕУ за квалитетот на животот во европските градови

од Nikola Popovski

Околу 90 отсто од жителите на Европската Унија изразиле дека се задоволни од животот во нивниот град, покажува извештајот на Европската Унија за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година, пренесува порталот „Шенгенвиза њуз“. Сепак вакво задоволство не споделуваат и жителите на градовите од Балканот, вклучително и скопјани, како и на неколку европски метрополи.

Во извештајот се нотирани и резултатите од перцепцијата за квалитетот на живот на жителите на градови кои не се во земји членки на ЕУ. Според она што се забележува, Скопје е меѓу градовите со најниски оценки, односно неговите жители не се чувствуваат задоволно од квалитетот на животот во главниот град на Северна Македонија.

Според задоволството на жителите од квалитетот на животот, Скопје е во последните десет градови на листата, со вкупен резултат од 72 отсто. За споредба, Цирих кој е прв меѓу десетте градови има скор од 97 отсто.

Подобрување на квалитетот на животот во градот во споредба од пред пет години Скопје е на претпоследното место според оценката дали квалитетот на животот во градот е зголемен во споредба од пред 5 години.

Само 13 отсто скопјани оцениле дека квалитетот на животот во Скопје е подобар отколку пред пет години.

Полошо е пласиран единствено Рим, каде само три проценти од жителите сметаат дека состојбата е подобрена изминатите пет години.

Во друштво на Скопје, како градови со најниски оценки во однос на задоволството на луѓето од животот во нив се Палермо во Италија, главниот град на Грција – Атина, потоа Истанбул во Турција, престолнината на Албанија – Тирана, Неапол во Италија, главниот град на Србија – Белград, италијанската престолнина Рим, Мишколц во Унгарија и главниот град на Црна Гора – Подгорица.

Инаку, истражувањето се фокусира на седум поглавја, односно категории кои ја одредуваат конечната перцепција – задоволство од живот во градот; безбедност и кохезивност на градот; работа, обезбедување дом и заработка; движење низ градот; култура, плоштади, паркови, здравствена нега; здрави градови и квалитет на локалната администрација.

Слични содржини