Скопје филм фестивал: Кон филмот „Скришно“ на режисерот Кристоф Режин

од Vladimir Zorba
284 прегледи

Започнува во духот на „Таксист“ на Мартин Скорсезе, но завршува во еден сосема поинаков стилски контекст. Филмот „Скришно“ на францускиот режисер Кристоф Режин е динамична драма, која низ линеарна нарација, деконструира внатрешна состојба на млад човек, што се обидува да го потврди сопственото бидување во континуирана замисла, водена од желба која е неостварена од детството.

Дејството го гради локален млад маж, Франк (Franck Gastambide), познат во високите и ниски класни групи. Младешкиот ентузијазам за себетрансформација во професионален фудбалски играч се рефлектира и во зрелата доба, исцртуваќи психолошка состојба на фикитивно доживување на средината во која расте и живее. Режисерот во целосно отворен амбиент на еден град, гради дејството во сегашноста, во кој се одвива секојдневието на луѓето кои директно или индирекно се врзани за фудбалот. Иако се работи за егзистенцијална приказна, внатрешните тегоби и внатрешни монолози на протагонистот не се претставени како измачување, туку преку акција, прикажува победник кој ќе се избори и издигне над идеалните светови, над егото како суперлатив за важноста на индивидуата претставена во општеството како „супер ѕвезда“.

Визуелното обликување на филмот е синтетизирано во крупни кадри, филмскиот простор е сместен во архитектурата на градот, без навлегување во интимноста на главниот карактер. Филмот нема да не поврзе дирекно со потеклото на Франк, туку напротив ќе го исклучи домот во кое циркулира семејството, со што потикнува силна алузија за младите кои треба сами да направат избор во светот без компромиси и немилосрдности.  Режин, преку изборот на професија која ја овозможува фудбалот, дава увид во светот на хиперсензацијата, капитализмот, наспроти чистата емоција и желба на обичниот човек. Карактерите во филмот припаѓаат на три социјални групи: фудбалските ѕвезди, фановите и носачите на одлуки. Филмот не се стреми да го фаворизира апсурдот на економската моќност, туку прави баланс меѓу себеспознавањето и она што од другата страна е претставено како граница на себе исполнетост. Ова е драма, во која отпадникот живее во идеја за себе, а од друга страна го проблематизира надворешниот свет кој се одвива во хотели, дискотеки, улици и на стадион, контролиран од моќници. Задоволувањето на инстинктите, доживување на сензација е уште една димензија која е динамично адаптирана во филмскиот исказ и сценариото. Поврзување на филмската нарација со јавниот простор ќе даде силна перцепција во внатрешниот свет на Франк.

Филмот „Скришно“ синоќа беше прикажан на „Скопје филм фестивал“. На проекцијата присуствуваше и режисерот Кристоф Режин, кој имаше разговор со присутните./Вероника Камчевска

Линк до филмот на ИМДБ

Линк до програмата на Скопје филм фестивал