Скопје го доби најсилниот буџет – на Орце останува да ги израдува скопјани

Буџетот на Скопје за 2026 година најавува „преродба“, но останува прашањето дали бројките ќе се претворат во реални проекти? Ќе видиме ли конечно инфраструктура што се довршува, училишта со вистински подобрени услови и јавни служби што функционираат без изговори? Граѓаните очекуваат резултати на терен – а не нови ветувања на хартија.

од Vladimir Zorba
34 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Орце Ѓорѓиевски

Буџетот на Град Скопје за 2026 година, усвоен без ниту еден глас против, ја поставува најконцентрираната точка на тестирање на ветувањата што градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги даде во предизборната кампања.

Од една страна, бројките изгледаат поамбициозно од претходните години и најавуваат динамика која одамна недостига во градското управување. Од друга страна, останува неизвесноста дали административниот капацитет, организациската дисциплина и изведбениот систем можат да го издржат темпото што политиката го најавува. Тука се крши приказната: меѓу потенцијал и реалност.

Клучни ставки во буџетот – раст од 12% во однос на минатата година, капитални инвестиции од 34,4% од вкупната конструкција и јакнење на неколку базични системи – делумно се преклопуваат со предизборните приоритети.

Фокусот на инфраструктура, училишта, јавна безбедност и противпожарна заштита е во согласност со дел од најгласните пораки на кампањата. Се забележува и обид да се стабилизираат јавните претпријатија, кои со години функционираат во блокади, долгови и нефункционални циклуси. Тоа, барем на хартија, е чекор кон создавање простор за вистински промени, а не само за козметички интервенции.

Сепак, веднаш се појавува дилемата: колку од ова е стратегија, а колку е реакција?

Во кампањата беше најавувана и посериозна дигитална трансформација, „паметни решенија“ во урбанизмот, реформа на јавниот превоз и појасна политика за младите, вклучително и ослободување од дел од комуналиите.

Во самиот буџет, тие теми не се истакнати како столбови туку како потенцијални задачи за „наредни фази“. Тоа не значи дека се напуштени, но значи дека не се први на удар – барем не финансиски.

Во овој сегмент, градоначалникот ризикува да остави вектор на недоверба.

Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски

Во образованието се гледа првиот поголем позитивен сигнал. Зголемувањето на средствата, најавата за подобрени услови, униформи за првачиња, IT опрема и идеја за ново училиште нудат нацрт на систем кој барем се обидува да се движи напред.

Но одлуката ќе се мери не по тоа дали има нова фасада, туку дали има подобрено секојдневие за учениците и наставниците. Ова е сектор каде јавноста многу брзо препознава импровизации.

Противпожарната заштита, со најавени вработувања и опрема, е поле каде програмата и буџетот речиси се совпаѓаат. Тоа е прв сегмент каде градоначалникот може да покаже конкретна промена, не во вид на маркетинг, туку во вид на функционалност. Доколку ова навистина се реализира, ќе биде прв аргумент дека најавената „преродба“ добива структура.

Инфраструктурата останува најчувствителниот тест. Скопје има долга историја на „почнати, но недовршени“ проекти. Ако и 2026 година заврши со идентичен наратив, довербата ќе се троши побрзо од средствата.

Граѓаните не реагираат веќе на прес-конференции, туку на багер што стои три месеци, улица што се раскопува трипати во неколку месеци или тендер што се влече до бесвест. Токму тука Ѓорѓиевски ќе мора да покаже дека администрацијата не е само политичка, туку и оперативна.

Во кратки црти кажано, овој буџет создава услови да се покаже резултат, но не гарантира успех. Тој е можност, а не веќе завршена работа.
Ако до средината на 2026 почнат да се гледаат континуирани, а не изолирани резултати, ќе може да се каже дека градската политика се движи од фаза на најави во фаза на спроведување.

Ако доминираат застои, изговори и „ќе почнеме наскоро“, тогаш „преродбата“ ќе заврши како уште една добро скроена порака без поткрепа.
Ѓорѓиевски моментално има повеќе ресурси отколку изговори и тоа е најголемата обврска што самиот си ја зададе.

Б.Т.