Ако некогаш сте се запрашале зошто Скопје изгледа како град составен од делови кои не си припаѓаат — бетонски џинови од постземјотресната ера, хаотични булевари, фабрички реликти и кичести споменици на празни плоштади — тогаш добро дојдовте во градот Франкенштајн.
Овој урбан монструм не е дело на еден злобен научник, туку на генерации архитекти, политичари и инвеститори кои, секој со свои амбиции и интереси, го склопувале градот парче по парче. Наместо хармонија, добивме чудовиште со премногу срца и премалку душа.
Скопје е град што двапати е граден одново. Прво, по земјотресот во 1963 година — кога солидарноста од целиот свет донесе надеж и визија за нов почеток. И вторпат, во поново време, со проектот „Скопје 2014“ — кога истата таа визија беше претворена во кич и пропаганда. Денес, на пресекот меѓу модернизмот и лажниот барок, стои град со нарушена меморија и со дух што се обидува да преживее под тежината на сопствените грешки.
НЕДОВРШЕНАТА ВИЗИЈА НА ТАНГЕ
По катастрофата од 1963 година, јапонскиот архитект Кензо Танге понуди план што требаше да го претвори Скопје во симбол на новиот хуман град на Балканот — отворен, зелен и функционален. Неговиот концепт за „Градска Порта“ и „Градски Ѕид“ предвидуваше рамнотежа меѓу природата и архитектурата, простор кој ќе дише, ќе се движи и ќе комуницира со реката Вардар и планината Водно.
Но визијата на Танге беше прифатена половично, извалкана од локални импровизации и идеолошки интервенции. Градскиот Ѕид, замислен како симбол на заштита и континуитет, беше претворен во буквален бетонски ѕид што го прекинува протокот на градот. Наместо хармонија, добивме фрагменти. Наместо иднина — бетон без приказна.
ПРЕСЕЧЕНАТА ВРСКА СО СТАРОТО СРЦЕ
Еден од најголемите урбанистички злостори е пресекот на влезот во Старата чаршија. Со изградбата на булеварот „Гоце Делчев“ и стоковната куќа „Мост“, историското јадро на градот беше физички отсечено од својот центар.
Она што требаше да биде премин меѓу традицијата и модерноста стана бетонски ѕид меѓу минатото и сегашноста.
Чаршијата — нашата најжива меморија — сега дише низ тесни улички, задушена од сообраќај и неразмислен урбан хаос. Наместо интеграција, добивме изолација. И наместо културен континуитет, имаме град што сам се одрекол од сопствениот корен. Жива среќа што Алфред Ќиборовски ( познат неправилно како Циборовски) како главен директор на програмата на Обединети Нации за обнова на Скопје, ги убедил тогашните политичари да не ја уриваат чаршијата. Заради глупост и его ќе останевме и без чаршијата.
УЛИЦИ КОИ НЕ ВОДАТ НИКАДЕ
Булеварот „Партизански Одреди“ е перфектна метафора за целата скопска логика: артерија што завршува во ќорсокак. Овој булевар, замислен како главен правец на движење, со години останува недовршен, фрагментиран и нефункционален. Возилата се туркаат едни со други, пешаците се обидуваат да преживеат меѓу раскрсници, а секоја нова реконструкција се продава како „ново решение“.
Но проблемот е длабок: град кој не е планиран да се движи, туку да стои.
КОГА БЕТОНОТ ГО ЗАРОБИ ВЕТЕРОТ
Погрешните урбанистички одлуки не се само естетски – тие се буквално смртоносни.
Изградбата на густо населената населба Капиштец на подножјето на Водно го прекина природното струење на ладен воздух кој некогаш ја чистеше котлината. Градот, наместо да дише, се гуши во сопствен смог.
На спротивната страна, Аеродром и Ново Лисиче се издигнаа врз поранешно мочуриште. Таму каде што некогаш земјата ја апсорбираше водата и загадувањето, денес се креваат облаци прашина и чад. Магла, мувли, загадување – последиците на еден урбанизам кој мислеше само на квадратен метар, не на здравје.
ИНДУСТРИЈАТА КАКО ВЕНА НА СМОГ
Железара, МЗТ, Кожара, Стаклара, ОХИС,ФАС 11 Октомври, Цементарницата – целиот индустриски ланец во низа два километри, а многу блиску од центарот.
Во времето на социјализмот тие беа „херои на производството“, денес се симболи на загадување и болест. Децении чадеа во лицето на градот, без еколошка логика или урбан баланс. Дел од нив се затворија, други се пренаменија, но отровот остана – во почвата, во воздухот, во белите дробови на генерациите.
„СКОПЈЕ 2014“ – КИЧ, ФАСАДИ И АМНЕЗИЈА
А потоа, како кулминација на сите промашувања, дојде „Скопје 2014“ – проект што требаше да ја врати гордоста, а заврши како карикатура.
Барокни фасади на модернистички згради, споменици без смисла, триумфални порти без триумф. Наместо идентитет, добивме лажна историја; наместо култура – сценографија.
Од 40 првично најавени објекти, проектот прерасна во повеќе од 130, со цена што скокна на над 500 милиони евра. Сè тоа во име на „националниот стил“, кој се претвори во легализирана кражба и архитектонски хаос.
Центарот на градот денес изгледа како изложба на сопствениот заборав.
ДУХОТ КОЈ ГО УБИЈА, НО НЕ ГО СРУШИЈА
И покрај сето тоа, Скопје долго време беше жив град.
Секоја населба имаше своја микрокултура: Дебар Маало со боемите и уметниците, Карпош со својата модерна леснотија, Аеродром со младешкиот немир и дебатите по кафулињата. Супкултурата беше одличје на секоја населба, па така беше општо познато дека во Тафталиџе се слуша фанк, а во Чаир панк. Но, постепено, тој дух се гушеше меѓу бетон и чад, меѓу политички фасади и градежна грамзливост.
Градот што некогаш живееше преку своите луѓе – преку ноќните разговори, музиката, пријателствата, а богами и сеирот – денес се претвора во сценографија без живот. Но душата не се руши така лесно. Таа само спие.
ФЕНИКС ПОД СМОГ
Скопје секогаш се издигнувало по секое уништување. По земјотресот – со солидарност. По кичот – со иронија. Сега му претстои ново воскресение, кое нема да дојде од архитект или партија, туку од граѓаните. Од оние што садат дрво покрај улица, што бараат чист воздух, јавен простор, логика.
Скопје не е изгубен град. Тој е град на пауза.
А кога ќе се разбуди – ќе биде повторно феникс, не чудовиште.
Со улици што ќе пулсираат, плоштади што ќе дишат, и луѓе што ќе го сакаат, не само ќе го трпат.
Зашто, и покрај сите шевови, лузни и фасади, Скопје сè уште има срце.
И тоа срце – чука.
Владимир Куновски – кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од Работничка партија
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.