Скопје повторно меѓу десетте најзагадени градови во светот

од Nikola Popovski
127 прегледи

Со почетокот на зимската сезона, Скопје повторно се најде на листата на најзагадени градови во светот. Главниот македонски град во моментов се искачи на шестото место според загаденост на листата на платформата „IQAir” на поголеми градови во светот – со индекс на загаденост од 165. Први на листата се Делхи во Индија и Лахор во Пакистан.

Во европски рамки, барем според мерањата во 11:25 минути, Скопје е на 2-ро место позади Сараево кое има индекс на загаденост од 182.

Од регионот, покрај Сараево и Скопје, и Приштина се најде на листата на градови со најзагаден воздух, со индекс од 128.

Министерот за животна средина и прв вицепремиер, Изет Меџити пред десетина дена изјави дека проблемот со загадениот воздух е комплексен, одговарајќи на новинарско прашање дали ресорот и Владата имаат конкретни мерки како оваа зима да имаме помалку загаден воздух.

-Комплексно прашање и комплексна лепеза на активности, кое не може преку ноќ да се реши. Добро е што трендот е на подобрување. Периодот (на загаден воздух) се скратува, но не треба со тоа да бидеме спокојни и задоволни. Работиме интензивно и секојдневно како да го решиме сигурно. Планираме повеќе мерки, почнувајќи во соработка со локалните самоуправи. 40% од проектите се насочени во делот на екологијата. Во периодот што следи ќе ве информираме секоја недела со конкретни активности што ќе ги преземеме, кажа Меџити.

Скопје го одбележа екстремно загаден воздух на крајот на 2023 година, а податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека квалитетот на воздухот во декември 2023 бил полош во споредба со истиот месец од 2022 година.

Слични содржини