Вечерва во главниот град има значително големо количество на магла и загаден воздух. Скопје вечерва повторно е меѓу најзагадените градови во свет, а прв во Европа. Ова го покажуваат податоците на платформата за следње на воздухот „IQAir“. Вредноста на индексот на загадување е 163, главно заради концентрациите на ПМ 2,5 честичките, кои се над 14 пати повисоки од препораките на Светската здравствена организација. Воздухот се оценува како нездрав, а препораките се да не се спортува надвор, да се носи маска, а во затворениот простор да работат прочистувачите на воздух.
Најзагадени градови во светот се Калкута, Лахоре, Делхи, Мумбаи, Ташкент, Кабул…Од другите градови во Европа, Сараево е 14-ти во светот по загаденост на воздухот, веднаш после Скопје.
Загадениот воздух бил причина за еден од девет смртни случаи на деца до една година во 2021 година во С. Македонијаспоред меѓународното истражување на УНИЦЕФ во Европа и Централна Азија. Бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и лошо здравје како последица на подолготрајна изложеност на аерозагадување. Неодамна владата промовираше Планската програма за почист воздух 2024-2030 во која предвидува проекти за намалување на емисиите од домаќинствата, индустријата, транспортот, земјоделството и од јавните објекти.