Скопје Прајд: 17-ти мај е значаен ден за да се сврти вниманието кон насилството што го преживуваат лезбејките, геј мажите и трансродовите лица

од Nikola Popovski
281 прегледи

„Меѓународниот ден против хомофобија, бифобија, интерфобија и трансфобија беше создаден во 2004 г. за да се сврти вниманието кон насилството и дискриминацијата што ги преживуваат лезбијките, геј мажите, бисексуалните, трансродовите, интерсекс и другите луѓе со различни сексуални ориентации, родови идентитети или експресии и полови карактеристики“, објави неформалната организација Скопје Прајд која ја организираше првата парада на гордоста во Скопје во историјата на С.Македонија во 2019 година, по повод 17-ти Мај.

Според нив, датумот 17-ти мај бил специјално избран за да се одбележи одлуката на Светската здравствена организација од 1990 г. да ја декласифицира хомосексуалноста како ментално растројство.

„Денот претставува значајна годишна манифестација во светски рамки за да се привлече вниманието на носителите на одлуки, јавноста, корпорациите, креаторите на јавното мислење, локалните власти итн. во врска со алармантната ситуација со која се соочуваат луѓето со различни сексуални ориентации, родови идентитети или експресии и полови карактеристики“, велат од организацијата.

Убав ден да застанеме во заштита и да им оддадеме почит на сите што ги бранат и промовираат правата на припадниците на ЛГБТИ заедницата, напиша премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук по повод Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата.

„Да порачаме дека во борбата за еднакви можности, без оглед на сексуалната ориентација или родовиот идентитет, секој може да го даде својот придонес“, потенцира Заев.

Неприфатлива е дискриминацијата базирана на сексуална ориентација или родов идентитет, се огласи на својот Фејсбук профил претседателот Стево Пендаровски.

„Сите треба да ги уживаат основните човекови права и не смее да има исклучоци по ниту еден основ. Како општество за жал не сме имуни на предрасуди, стигматизација и говор на омраза кон лицата кои се дел од ЛГБТИ заедницата.Денеска но и секој следен ден, институционално, но и како поединци да придонесеме кон зголемување на свеста за прифаќање на различноста и почитување на правото на избор“, пишува Пендаровски.

Слични содржини