Скопје се гуши во смог, ќе се намали ли загадувањето со мерките?

од Берта Китинска
258 прегледи

Скопје вчеравечер се гушеше од смог. Индексот на ПМ 10 штетните честички во воздухот изнесуваше 170, покажуваа најновите податоци на светскиот сервис IQAir, кој го следи аерозагадувањето.

Според мерењата, Скопје е најзагаден европски град и шести најзагаден во светот, а пред него се само градовите Лахоре (Пакистан), Њу Делхи (Индија), Уланбатор (Монголија), Дака (Бангладеш) и Калкута (Индија).

Индексот AQI ги зема предвид концентрациите на ПМ2,5 и ПМ10 честички, како и насоката и јачината на ветерот.Максимално дозволена концентрација на ПМ 10 во воздухот е 50 микрограми на метар кубен.

Од Град Скопје донесоа и повеќе препораки

Од вчера започна бесплатен превоз на автобусите.

Превозот ќе биде бесплатен се до наредните препораки, стои во соопштението на ЈСП Скопје.

Претходно Град Скопје, поради зголеменото загадување на воздухот, кое го констатира Министерството за животна средина, усвои низа мерки и препораки ќе се обиде да го намали нивото на штетните ПМ 10-честички во воздухот.

Од Град Скопје донесоа и повеќе препораки, со кои надлежните институции ќе вршат засилени контроли над инсталациите, потоа на издувните гасови на возилата во сообраќајот, како и на градилиштата за тоа дали камионите кои излегуваат оттаму се исчистени.
Градот бара од МВР да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот.

Товарните возила чија крајна дестинација не е главниот град да се пренасочуваат по обиколницата. Се препорачува и да се откажат јавни собири, спортски и културни настани на отворено.

Од Град Скопје апелираат до граѓаните, а особено до вработените во институциите да го користат јавниот превоз, а движењето на јавен простор да го сведат на минимум.

Согласно законот, итните мерки за намалување на загадувањето на воздухот се воведуваат бидејќи два дена по ред загадувањето е над 150 микрограми, а ќе бидат на сила сè додека ПМ честичките не спаднат под 100 микрограми на кубен метар.

360 милиони евра се потребни за да нема загаден воздух

Како краткорочна мерка, Градот Скопје треба да направи краткорочен план со обврзувачки мерки. Исто така треба да се формира координативно тело, кое ќе предложи мерки, во кое ќе членуваат сите засегнати за воздухот, како што е Министерството за економија, Министерството за животна средина, градот, вели поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска во гостувањето на Дневникот на ТВ Сител.

Според неа, треба да се намали производството на тие што загадуваат.

-Суштински е да се исклучат фосилните горива. Не може да се гори јаглен во индустриските зони. Не може да се гори мазут во јавни установи во Скопје. Кога последен пат е проверен мазутот? Воздухот треба да биде национална обврска. Потребни ни се обновливи извори и енергетска ефикасност. 360 милиони евра се потребни за да се намали загадениот воздух. Два пати повеќе се потрошија за Скопје 2014. Сметам дека не е се до парите. Треба мобилизација од сите, категорична е Петровска.

СДСМ обвини Арсовска ги намали парите за животна средина, нема вака чист воздух во Скопје

Градоначалничката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска наместо да ги зголеми ги намалува парите за животна средина. И тоа за три пати помалку.Ова е уште една во серијата погрешни одлуки на Данела Арсовска на штета на скопјани, обвини на денешната прес-конференција, Стефан Васев од СДСМ.

-За Секторот за животна средина за 2022 година во Предлог Буџетот на Град Скопје предвидени се 73 милиони денари.Три пати помалку од буџетот за оваа година кога поранешниот градоначалник Петре Шилегов обезбеди 213 милиони денари.Во кампањата, Арсовска ветуваше инвестиции во животната средина и борба против аерозгадувањето.Буџетот за 2022 покажува дека тоа било само една од многуте предизборни лаги на градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска.Намалувањето на средствата значи сериозен удар врз капацитетите кои се борат против загрозувањето на животната средина, а со ваков пристап на Арсовска, Скопје уште долго време ќе биде на врвот на најзагадени градови во светот, вели Васев.

Слични содржини