Скопје утрово трет најзагаден град во Европа

од Nikola Popovski
115 прегледи

Врнежите престанаа, снегот се стопи, а главниот град повторно се врати на листата на најзагадени во Европа и светот. Според платформата за следење на квалитетот на воздухот на поголемите градови во светот „IQAir“, Скопје е на 19-то место во светски рамки, а трет во Европа. Индексот на квалитет на воздухот изнесува 141.

Од градовите во Европа, пред Скопје се само Сараево на 10-то место и Лион на 18-то. Во светот најзагадени градови повторно се Лахоре, Делхи, Кувајт…

Воздухот е оценет како нездрав за сите категории на луѓе, бидејќи вредностите на ПМ 2,5 во моментот се повисоки од препораките на Светската здравствена организација. Во овие услови забранети се сите спортски и рекреативни активности на отворено, како и отворањето на прозорци. За луѓето се препорачува надвор да носат маска, а дома да вклучат прочистувач на воздухот.

Докторите велат граѓаните да се внимателни со излегувањето надвор во периодите кога воздухот е најзагаден. Најмногу помага да се замине надвор од главниот град, а и во скопскиот дел има места каде може да се помине на почист воздух.

Со години наназад, секој министер и Влада велат дека неопходен е сериозен пристап во замената на начините на затоплување, што поитна гасификацијата, потоа поголема енергетска ефикасност и заштеда на енергијата што се условени и со современите економски трендови, но и воведување на подобрени сообраќајни режими и обезбедување на функционален еколошки јавен транспорт со што ќе се намали користењето на автомобили. Засега тешко се остваруваат ваквите најави…

Слични содржини