„Скопскиот џез фестивал“ го откажува ОФФест 2023

од Nikola Popovski
247 прегледи

„Скопскиот џез фестивал“ информира дека го откажува 22-то издание на ОФФест 2023 година. Според нив, доделените милион денари за ОФФест на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата, скратени за половина од минатогодишната сума, не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на ОФФест (предвиден од 7 до 10 јуни) како (повеќедневен) фестивал.

-За жал, по 21-годишна убава фестивалска традиција, не ни останува друг избор. Немаме намера да поднесуваме жалба до второстепената комисија и да се изложуваме на натамошни понижувања, кои и со поддршката често ги имавме со Министерството за култура во изминатите години. Лани, на пример, вложивме жалба на 1 март, ОФФест се одржа на почетокот на јуни, а одговор на жалбата (се разбира негативен) добивме на 19 септември. Ние знаеме дека на овој конкурс имаме приложено исклучително квалитетни апликации и дека средствата што биле на располагање во оваа дејност не биле намалени во споредба со минатата година, порачуваат од фестивалот.

Исто така се додава дека нема да ја коментираат годишната програма, која, според Законот за култура, ја донесе министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, ниту пак да се впуштаат во некакви споредбени анализи.

-Тоа е наполно бесмислено сè додека квантитетот на одобрените проекти е замена за оценката што е, а што не е, национален интерес во културата, според критериуми и квалитет, со конечно напуштање на популизмот и антиевропските политики во културата, присутни во Годишната програма, велат од СЏФ и додаваат:

-Ако во конкретниот случај на министерката не ѝ се познати долгогодишниот програмски растеж и континуираниот висок квалитет на фестивалите како ОФФест и Скопскиот џез фестивал, јасно признаени кај нас, а уште повеќе во светот, има за тоа на дофат опсежни материјали во самото Министерство, како дел од апликациите по годишните конкурси и програмските и финансиски извештаи.

На ОФФест му останува обврската да го реализира, заедно со уште 11 еминентни европски фестивали, четиригодишниот проект „Sounds of Europe”, поддржан од Европската Унија (преку програмата „Креативна Европа“). Овој проект, меѓу другото, ќе им овозможи гостување на македонските музичари на бројни европски сцени.

Слични содржини