Дописот на СО на Министерството за култура при УПОЗ, каде г-дин Бранко Костовски ултимативно, со закана за тужба и дефиниран рок од 48 часа, бара јавно извинување од претседателката на СКРМ заради наводно изнесени невистини, клевети и омаловажување го доживуваме како бирократско догматски обид за цензура и ограничување на слободата на говор. Дописот има за цел спречување на СКРМ и во иднина да ја пренесува перцепцијата на вработените во институциите од културата за состојбите и однесувањето на Министерството за култура, соопштија од Синдикатот на вработените во сите дејности на културата преку објава.
Оттаму велат дека во иднина јавно ќе го признаат придонесот на вработените во Министерството за култура во оној момент кога ова Владино тело, согласно препораките на ЕУ, ќе се реформира во вистински јавен сервис, пред сѐ на граѓаните, а потоа на институциите и организациите кои се занимаваат со различните дејности на културата.
-Сакаме да нагласиме дека говорот на претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, од протестот одржан на 19.04.2024 година не е нејзин личен став, туку тоа е гласот на вработените во институциите на култура и во него нема омаловажување, нема невистини, ниту пак клевети, туку има метафори преку кои СКРМ го искажува својот револт кон дејствата на одредени службеници кои по секоја цена, еднаш годишно го опструираат Колективниот договор за култура и создаваат антагонизам меѓу Министерството и СКРМ, појаснуваат оттаму.
Додаваат дека говорот во суштина е генерален став на членовите на СКРМ, креиран како резултат на серија негативни искуства кои не произлегуваат од соработката или комуникацијата со министрите за култура, туку директно од дејствувањето на поединци вработени во самото Министерство.
Од СКРМ потенцираат дека најмало пребарување на интернет-архивите за историјата на нивните реакции ќе покаже дека судирите секогаш настануваат кога треба да се почитуваат правата на вработените во културата согласно Колективниот договор, и поготово, како што велат, кога треба да се зголеми платата согласно зголемувањето на минималната плата на ниво на држава.
Од Синдикална организација при Министерството за култура на УПОЗ, во вчерашното соопштение со кое реагираа на говорот на претседателката на СКРМ, велат дека на протестите на вработените во Министерството за култура минатата година во ниту еден момент не побарале непостапување по потпишаниот Колективен договор за културата, ниту намалување на платите на културните работници туку, напротив, додаваат оттаму, „ја поздравивме нивната одлучност и единство во борбата за подобар статус“.
По протестот во петокот поради неисплатената мартовска плата усогласена со колективниот договор, на својот Фејсбук-профил со коментар се огласи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа во објавата тврди дека вработените во културата ја добиле мартовската плата покачена за 12 отсто. Министерката ги оценува како предизборна игранка и манипулација реакциите и протестите на СКРМ.