СКРМ за платите во културата: На секој допис стои осамен потпис на министер, кој, ставен во скут на неколку „тажни“ луѓе, ги потпишува и спроведува нивните замисли

„Министерството за култура јасно и намерно пласира теза дека некој наводно одбил зголемување на коефициентите во 2023 година и дека токму поради тоа денес, на сила, е наметнато ова „соломонско решение“ за пресметка на платите“, порачуваат од Синдикатот

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Локално

„Министерството јасно и намерно пласира теза дека некој наводно одбил зголемување на коефициентите во 2023 година и дека токму поради тоа денес, на сила, е наметнато ова „соломонско решение“ за пресметка на платите. Ова е свесна манипулација и грубо извртување на фактите. Некој кој многу лошо го информира министерот, не ги прегледал документите кои ги наведува“, велат од Синдикатот на култура на Република Македонија откако од ресорот култура вчера информираа дека начинот на пресметка на платите во културата , што го бараат од СКРМ е единствен и отстапува од пресметките на плати за останатите вработени во јавниот сектор.

Синдикалците се децидни дека Министерството не постапува согласно законите и Колективниот договор, туку според лични, малициозни хирови и јасна намера по секоја цена да ги скрати правата на вработените во културата.

-И тогаш и сега, на секој допис стои осамен потпис на министер, кој, ставен во скут на неколку “тажни” луѓе, ги потпишува и спроведува нивните замисли – само и само да не биде онака како што наложуваат законите и колективните договори. Ова е најверојатно единственото министерство кое доставува официјални документи без потпишан изготвувач и одобрувач на истите, додаваат од СКРМ.

Оттаму истакнуваат дека фактите се јасни – пресудите се донесени од пет различни судии и четири различни суда.

-Без разлика што дел од нив се обжалени, тие недвосмислено потврдуваат дека Министерството постапува незаконски. Доколку министерот поседуваше барем минимално чувство за институционална одговорност, ќе сфатеше дека неговото постапување нанесува директна штета и на вработените во културата и на Владата на Република Македонија, стои, меѓу другото, во образложението на синдикалците во културата.

За барањето на СКРМ, платите да се зголемат согласно член 14 став 1 од Општиот колективен договор за јавен сектор, односно за 10% од основната бруто плата утврдена со Колективниот договор за култура, од Министерството вчера истакнале дека „Зголемувањето од 10% во септември 2023 година не беше вградено во коефициентите по работно место, утврдени во член 66 од Колективниот договор за култура, па поради тоа, секоја објава на новата минимална плата предизвикува зголемување на износот на минималната бруто – плата за 10% и создавање нова минимална бруто- плата која отстапува од минималната бруто – плата, објавена во согласност со закон“.

За реакцијата на Синдикатот дека упатство донесено само со потпис на министерот Љутков, не може да биде над законите и колективните договори, од Министерството одговараат дека немаат цел да бидат над нив, туку доследно ги почитуваат.