СКСЗМ: Одговорни за носење заштита на лицето треба да бидат органите на редот, а не бизнисите

од Берта Китинска
256 прегледи

Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) ја поздравува работата на Владата и на сите други институции ангажирани во борбата против пандемијата со КОВИД-19, но смета дека Уредбата за носење заштита на лицето е неприфатлива за деловната заедница.

Според Комората, одговорни за однесувањето и дисциплината на луѓето треба да бидат органите за одржување на редот, а не бизнисите, односно нивните сопственици или директори.

-Обврската според член 3 од уредбата со законска сила за компаниите да се грижат за однесувањето на граѓаните во однос на носење заштитни маски, е дополнителен товар што ниту еден бизнис не може да го носи, а во тој случај се загрозени сите бизниси, особено микро и малите, кои се уште повеќе загрозени во овој период на пандемија. Горенаведената уредба со законска сила предвидува глоба од 2.000 евра за правните субјекти и глоба од 500 евра за одговорното лице на деловниот простоp, во случај ако постапат спротивно на одредбите од членот 3, со тоа што му дозволуваат на потрошувачот без заштитна опрема влез во нивните деловни простории. Ова е двоен проблем зашто ја враќа претходната практика на казнување на компаниите, што оваа Влада презеде одговорност за да престане и да не ги повторува тие практики. Притоа, единствените сектори кои се ликвидни во овој период на глобалната криза се повеќе изложени на можни казни од страна на разни службеници, кои дури можат потенцијално да ја злоупотребат службената позиција, наведува СКСЗМ.

Комората повикува на усогласеност со член 4 од Уредбата – обврската за надгледување на спроведувањето на одредбите од овој акт да спаѓа во надлежност на Министерството за внатрешни работи, а не на товар на компаниите за да се минимизира можноста за казнување фирми што се единствениот извор на приходи на државата во овој период на криза.

-Секогаш ќе ги поддржуваме иницијативите за зголемување на нивото на безбедност и зголемување на нивото на колективната социјална одговорност, но мора да се внимава да не се стори тоа на штета или на товар на економските субјекти, а најмалку во овој период кога малку економски сектори се рентабилни и ликвидни. Апелираме до релевантните институции пред да се донесе каква било одлука, однапред да се консултираат претставниците на бизнисот, односно стопанските комори, со цел да се обезбеди разумност на тие одлуки и практично спроведување на истите, како и да се избегнат евентуалните колатерални штети што може доаѓаат како резултат на нивното донесување, стои во соопштението на СКСЗМ.

Слични содржини