Славески: Приходите во предлог-буџетот се оптимистички, но тешко остварливи

од Aleksandar Todeski

Предлог-буџетот и на приходната и на расходната страна е историски највисок, според износите. И можеби тоа не е основниот проблем. Со тек на време расте бруто домашниот производ, растат потребите на државата, расте и потребата од приходи и зголемување на расходите во буџетот, но она што го забележав овие денови е што приходите се многу оптимистички планирани и многу е тешко да се остварат, вели Трајко Славески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Радио Слободна Европа.

„Мислам дека пречестото користење на фразата дека ќе инвестираме во човечки капитал е некоректно, затоа што инвестициите во човечки капитал се долгорочни, даваат ефекти на долг рок, не на краток рок, тоа се инвестиции во образование, во подобрување на здравствената заштита, инвестиции во рамките на самите претпријатија за стекнување на квалификации од страна на лицата коишто веќе работат итн. Овој буџет, како што е сега скроен, отстапува од една тенденција да подобрување на структурата и потреба на буџетите кај нас да има повеќе развојна компонента, а помалку да се наменуваат средства за текови расходи. Отидено е во друга крајност, во неспособност да се реализираат капиталните инвестиции. Средствата што не се вложуваат во инфраструктура, не се вложуваат во изградба на нови училишта, изградба и адаптација на болници, клинички центар итн. популистички се наменуваат за тековни трошења, за пораст на платите во администрацијата, пораст на платите во разни дејности, за социјални издатоци, вели Славески во интервјуто.

Според него, програмата на СДСМ добила гласови од македонските граѓани и се засновала на слоганот – Да ја вратиме средната класа, која убедувала дека нееднаквоста во Република Македонија се зголемувала, а според професорот, таа се намалувала.

„Кога години во опозиција и две години на власт пред воведување на прогресивниот данок вие не сте биле способни да предвидите какви ќе бидат последиците, од една таква левичарска мерка, укинувањето на рамниот данок, којшто сега го вратија, тоа не зборува за ништо друго, туку за длабока идеолошка конфузија и за политика – Купи ден помини, без некаква стратегија којашто од друга страна има девастирачки последици на процесот на носење одлуки и планирање, дури на краток рок, а камо ли на долг рок од страна на бизнис секторот. Како тие може да планираат, кога е толку неизвесно што следи, што од она што го ветила владата ќе го врати, ќе го поништи“, вели Славески.

Слични содржини