Економистот и актуелен претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески вчера изнесе свое мислење за данокот на имот. Славески бара од јавноста „да не мисли дека сѐ што кажува Илон Маск е паметно“. Ова беше објавено од негова страна како коментар како реакција на објавата на судијата Владимир Панчевски на социјална мрежа „Х“.
„Елон Маск има едно прашање! САД размислуваат за укинување плаќањето на данокот на имот и дали плаќањето на данок на имот значи дека твојата куќа ДЕ ФАКТО е изнајмена од владата?! Идат локални избори“, објави Панчевски, споделувајќи твит од сопственикот на Тесла за данокот за имот, посочувајќи дека „власта треба да размисли за укинување на данокот на имот“.
Елон Маск има едно прашање!
САД размислуваат за укинување плаќањето на данокот на имот и дали плаќањето на данок на имот значи дека твојата куќа ДЕ ФАКТО е изнајмена од владата?! 🤷🏼♂️
Идат локални избори 🤗 pic.twitter.com/LPbLXDT7VL
— Владимир Панчевски / Vladimir Panchevski (@VladimirPanche6) February 9, 2025
На тоа професорот напиша:
„Плаќаме данок на личен доход – значи ли тоа дека државата е сопственик на нашите животи? Немојте да мислите дека сѐ што кажува Илон Маск е паметно! Даноците на имот се прибирале повеќе векови пред воведување на персоналниот данок на доход“, објави Славески.
Данок на имот се плаќа на недвижен имот, освен за оној имот кој е ослободен од плаќање на данок, се пропишува во Законот за даноците на имот. Недвижен имот се земјишта (земјоделски, градежни, шумски и пасишта) и зградите – станбени згради или станови, деловни згради и деловни простории, административни згради и административни простории, згради и станови за одмор и рекреација и други градежни објекти, како и инсталациите подигнати врз нив или под нив и трајно споени со нив.
Даночен обврзник е правно и физичко лице сопственик на имотот; правно и физичко лице корисник на имотот, во случаи кога сопственикот не е познат или не е достапен и плодоуживателот на имотот согласно со закон. Ако имотот е во сопственост на повеќе лица, секој од нив е обврзник на данокот на имот сразмерно на сопственичкиот дел. Обврзник на данокот на имот е и правно и физичко лице – корисник на недвижен имот вo сопственост на државата и општината.