СДСМ пред лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски уште еднаш повтори дека јавноста чека одговор од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ што одлучил.
-Со денови Мицкоски не дава одговор дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица во антиевропски блок. Ќе почекаме да слушнеме дали тоа што го кажува Мицкоски во јавноста ќе го каже и на средбата, рече Даниела Колева, пратеничка на СДСМ.
Според неа, Мицкоски стои пред одлуката – дали ќе ја поддржи македонската иднина во ЕУ или ќе го следи патот на неговиот претходник Никола Груевски кој 11 години го одолговлекуваше и го блокираше патот на Македонија кон ЕУ. Додека конечно не беше соборен од власт и избега од државата.
-Веќе следната недела ќе стане јасно дали Мицкоски е дел од блокот на ЕУ или дел од антиевропскиот блок на Левица, кажа Колев во изјава за медиумите.
Ковачевски, во саботата најави дека во наредните десетина дена планира да го покани претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на заедничка средба. На состанокот, како што изјави премиерот, потенцијално би се разговарало за две теми. Првата – рече Ковачевски – ќе биде во врска со носењето на одлуките кои се потребни за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Во фокус на втората тема, пак, како што кажа, би било усогласувањето на ставовите во врска со односите со сите соседи на државава.