Хрватскиот генерал и лидер на босанските Хрвати, Слободан Праљак, кој се отру со цијанид во судницата во Хаг на 29 ноември, му понудил отров и на генералот Ратко Младиќ пред прогласувањето на доживотната пресуда, пишува белградското електронско издание „Ало“.

Според синот на генералот, Дарко Младиќ, Праљак се сретнал со неговиот татко, на кого му понудил да му даде отров, но тој одбил.
„Праљак му рекол дека може да му обезбеди отров за да го испие при прогласувањето на доживотната пресуда и на тој начин да се побуни против Хашкиот трибунал. Татко ми бил шокиран од предлогот и му одговорил дека тоа е бегство и смета дека треба да продолжи да се бори“, вели Дарко Младиќ за „Ало“.
Синот на командантот на босанските Срби тврди дека самоубиството на Слободан Праљак за време на финалното рочиште на Трибуналот за истрагата на воените злосторства во поранешна Југославија не е преседан, но предизвика универзално внимание поради спектакуларниот карактер.