Словенија: Хрватска не заслужува да влезе во Шенген

од Vladimir Zorba
66 прегледи

Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Еревец испрати писмо до Европската комисија, во кое се наведува дека Хрватска не заслужува да влезе во Шенген зоната.

Повод е непризнавањето на границата во Пиранскиот залив, наведено како прекршување на правниот поредок на Европската унија и територијалниот интегритет на Шенген, јави хрватската национална телевизија ХРТ.

“Тоа е земја која намерно не го почитува меѓународното право, не ги исполнува условите да биде дел од Шенген”, истакна словенечкиот министер во писмото.

Тој исто така додаде дека словенечкиот премиер Мирослав Церар е запознат со содржината на писмото и смета дека Хрватска е должна да ја почитува одлуката на Арбитражниот суд за границата во Пиранскиот залив.

Постојаниот арбитражен суд во Хаг минатиот месец одлучи  за долготрајниот спор меѓу Словенија и Хрватска за Пиранскиот залив, наведувајќи дека поголемиот дел од него и припаѓа на Словенија, која со посебен закон доби и коридор во хрватските територијални води кон меѓународните води . Загреб одбива да ја признае одлуката на Арбитражниот суд.