Луѓето кои имаат потврдена дијагноза на Ковид-19 ќе добијат само една доза на вакцина против коронавирус шест месеци по прележување на болеста, според новите упатства издадени од Националниот советодавен комитет за имунизација во Словенија.
Инструкциите се издадени на центрите за вакцинација веднаш откако седум други европски земји одлучија да го сторат тоа, им рекла на новинарите во средата шефицата на советничкото тело, Бојана Беовиќ, пренесува СТА.
Таа изјавила дека одлуката е мотивирана од желбата намерно да се користи ограничено снабдување со вакцини, бидејќи сè уште нема доволно дози за сите жители, но и од фактот дека потврдена инфекција дава барем одреден степен на имунитет.
Сепак, Беовиќ истакнала дека оваа препорака не може да се однесува на оние кои имале благи симптоми и на оние со ослабен имунолошки систем, пренесува Танјуг.
Советничката група планира да ги следи научните студии кои се објавуваат скоро секојдневно и според новите информации може да одлучи дека некои закрепнувачи сепак ќе бидат вакцинирани двапати.
Досега, околу 382 000 Словенци или околу 18 проценти од населението примиле барем една доза од вакцината за коронавирус, додека повеќе од 155 000, или 7,4 проценти од популацијата, биле ревакцинирани.