Оваа ноќ словенечката полиција крена висока жица и ограда на границата со Хрватска, каде во последните неколку дена поминува новата рута на мигрантите по затворањето на унгарската граница. Тоа се случи при пристигнувањето на возот од Товарник , од српската граница, со околу 1.800 мигранти.
Огради има и на железничката линија, која ги поврзува Словенија и Хрватска. Дел од мигрантите се обидоа да ја заобиколат , но словенечките гранични војници ги упат кон официјалниот граничен премин. Во 6.30 часот по македонско време уште имаше мигранти, кои чекаа во дождот и студот да ја преминат границата.
Кон 3,30 часа со мегафон во рака словенечки полицаец се сврте кон мигрантите со зборовите: “It’s not your land, go back” (Ова не е вашата земја, одете си!). Околу него имаше околу 300 лица од елитните делови и многу полициски кучиња. “По пристигнувањето со возот од српската граница сите мигранти слегоа од него и веднаш се упатија кон словенечката граница. Ниту студот, ниту дождот им попречи да тргнат кон така саканиот и таинствен Запад”, се вели во репортажата на ХРТ. Мигрантите одбиле да бидат засолнети од хрватските власти и продолжиле кон границата. Денес се очекува во Чаковац, мало хрватско гратче до словенечката граница, да пристигне нов воз со уште 2100 мигранти. Австрискиот министер за внатрешни работи Јохана Микл Лејтнер го информирала својот словенечки колега Весна Гјеркеш Жнидар дека Австрија повеќе не може да прима бегалци и како неприфатлив е дефиниран пристапот на Хрватска и Словенија да испратат нови бегалци, соопшти словенечкото Министерство за внатрешни работи, цитирано од државната агенција СТА .
Австрискиот министер разговарал по телефон со Весна Гјеркеш Жнидар и истакнал дека земјата се соочува со тежок проблем при земањето и сместувањето на мигрантите и поради оваа причина престанува да прифаќа мигранти, но не кажала до кога ќе биде во сила оваа одлука. Словенечкото Министерство нагласува дека е исправена пред голем предизвик од барањето на Хрватска секој ден земјата да прифаќа по 5000 мигранти. И тоа се случува и покрај изрична предупредување дека Словенија не може да прифати таков голем број, бидејќи таа не може да ги испраќа во Австрија. За ова бил информиран и хрватскиот министер за внатрешни работи Ранко Остојич, пренесе Индекс. Според словенечките медиуми околу 8.00 часот утринава во земјата повторно биле пуштени дел од мигрантите.