Случај „Еуростандард“: Преку банкарски шеми се извлекувале пари, за МБА небулозни се наводите од приватната истрага на Костовски

од Берта Китинска

Сопственикот на Еуростандард, Трифун Костовски на презентацијата на извештајот за причините за пропаѓањето на банката изјави дека незаконски се искористени три милиони евра наменски даден депозит од Еуростандард банка во Комерцијална банка кој не може да биде пренаменет или користен за други потреби без сосласност на Надзорните одбори од двете банки.

„Шемата функционирала така што одредена банка идентификувала компании коишто ги отстапувале своите деловни сметки, на кои банката им исплаќала одредена сума на пари врз основа на фиктивни договори за кредит, а потоа истите компании формално им ги позајмувале тие пари на други компании, исклучиво по избор на банката. Сите знаеле што се случува ама никој ништо не презел“, обвини сопственикот на „Еуростандард банка“, Трифун Костовски.

Според него, институциите кои треба да работат во служба на интересите на правата на граѓаните се ставени во клише кое наликува на криминал.
Неосновани наводите и обвинувањата за цел банкарски сектор

За Народната банка, изнесените информации се неточни и сметаат дека се резултат на лични и приватни побуди. Појаснуваат дека стечајот бил отворен поради неможноста на банката да одговори на паричните побарувања.

„Во однос на работењето на Еуростандард банка, Народната банка вршејќи ја својата надлежност како супервизорски орган, утврди значајни слабости и пропусти во работењето. Започнувајќи од 2013 година па се до 2020 година, Народната банка во врска со констатираното, на Еуростандард Банка АД Скопје и изрече вкупно 30 правни акти, во кои беа содржани околу 120 различни мерки за подобрување на состојбата на банката. Оттука, во услови на непостапување по дадените мерки, а имајќи ја предвид стапката на адекватност на капиталот и состојбата во Банката, Народната банка согласно Законот за банките ја одзеде дозволата за работа на Банката“, се вели во известувањето од НБРМ.

Реагираше и Комерцијална банка, од каде велат дека единствени виновници за стечајот на Еуростандард се раководните луѓе со своите погрешни кредитни одлуки.

„Во банкарството одамна сме научени сопствениците на пропаднати фирми, како Златко Тодоров од Кубус, а сега и Трифун Костовски од Еуростандард банка, за своите слабости, лошо и незаконско работење да ги обвинуваат банките. Најчудно во овие „експертски анализи“ е што од ниедна од банките, вклучувајќи ја и Комерцијална банка, овие „домашни и меѓународни експерти“ не побарале никаква документација или состанок за да ги презентираат своите „наоди“ и да ги слушнат аргументите на банките. Тие само се повеле од укажувањата на сопствениците на пропаднатите фирми и на Еуростандард банка, а кои пак признаа дека ги плаќаат „експертите“ од имот кој не им бил замрзнат, за сега да бидеме наивни и да треба да веруваме во независно мислење“, велат од Комерцијална банка.

Наводите ги осуди и Македонската Банкарска Асоцијација во која членуваат 13 банки и по две институции и штедилници. Изнесените информации ги сметаат за неосновани.

„Упатуваме апел до јавноста дека дезинформации и инсинуации за банкарскиот сектор и поединечни банки треба да бидат отфрлени, бидејќи заради остварување на некои други интереси и нечии лични битки, свесно или несвесно, се прави обид за загрозување на нешто што е од јавен интерес на секој граѓанин, секоја компанија, секоја институција во оваа земја“, се вели во соопштението на МБА.

Слични содржини