Случај Пауновски: Ќе има ли средба меѓу пазарните инспектори и премиерот?

од Берта Китинска
322 прегледи

Јавната конфронтација помеѓу директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски и премиерот Зоран Заев доведе до разрешување на првиот човек на инспекторатот.

Хиерархијата треба да се почитува

„Секој ден да водите полемики со потпретседателот на Владата, со претседателот на Владата, е пркос кој не е дозволен. Хиерархијата треба да се почитува, таа е поставена и треба да функционира. Се работи за мој исклучително добар пријател, но кажувам што е принцип“,рече Заев.

Тој смета дека тоа што Пауновски си дозволил јавно да дава вакви коментари, понижувајќи ги, како што рече, своите претпоставени, е доволна основа за негово разрешување и очекува службите да отворат постапка.

Пауновски е детално информиран за неговото непостапување 

„Пауновски е детално информиран за неговото непостапување – ДПИ доби дописи на 5, 10 и 21 април од министерствата за политички систем и информатичко општество и администрација. Имаше и повеќе усни укажувања“, реагира портпаролот на Владата на РСМ на Твитер, откако денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, изјави дека не добил никакво укажување од Владата за неговото однесување.

Во меѓувреме, според портпаролот на Владата, Пауновски не побарал средба, не разговарал и не предложил начин на решавање на евентуалните предизвици.

Според владиниот етички кодекс функционер се разрешува и ако тој јавно не се согласува со одредена владина одлука, а има опција и за поблага мерка.

Сепак, за да дојде до негово разрешување, тоа треба да биде иницирано од вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, кој е одговорен за следење и спроведување на етичкиот кодекс.

„Не го даваме Пауновски“

Додека траеше јавната конфронтација помеѓу Пауновски и Владата, голем дел од вработените во ДПИ застанаа на страна на директорот. Собираат потписи за негова поддршка, а најавија дека денеска ќе испратат и писмен допис до Владата со барање за средба со цел да не се реализира најавата за разрешувањето на нивниот директор.

Вработените во Државниот пазарен инспекторат го поддржаа нивниот директор Стојко Пауновски. Тие денеска до Владата ќе ја достават петицијата со која ќе бараат средба со премиерот Заев, откако тој најави негово разрешување поради пркос и одбивање прераспределба на административците.

Член 7 од Закон за преземање на административци во МПСОЗ
„Глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на одговорното лице во институцијата доколку не ги усогласат актите за внатрешна организација и актите за систематизација на работните места согласно со членот 5 од овој закон.“

Досега неколку институции реагираа дека наложените вработувања, кои им ги испорача Министерството за политички систем, како дел од прераспределбите на вработените по Рамковен договор, не одговараат со потребите и систематизацијата.

Најостри реакции имаше од страна на директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, кој изјави дека нема да попушти и да го потпише решението за вработување на 35 лица, бидејќи дел од нив не соодветствуваат на барањата и сакале да работат само во одделни градови.

Слични содржини