На денешната јавна седница пред Апелациониот суд Скопје јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје го презентираше писмениот предлог против пресудата за случајот „Таргет – Тврдина“ со кој се предлага сите изјавени жалби да се одбијат, а по повод жалбата на обвинетиот Сaшо Мијалков и по службена должност Апелациониот суд Скопје да ја запре постапката за кривичното дело од член 359 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик поради настапена апсолутна застареност на кривично гонење и следствено на тоа да интервенира во одлуката за казна, додека во останатиот дел пресудата да се потврди.
За овој случај Мијалков, од страна на првостепениот суд е казнет со казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Додека, обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, доби четири години казна затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во „Таргет-Тврдина“ се обвинети 12 лица, меѓу нив се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и уште 10 други лица вработени во тајната полиција. Горан Грујевски и Никола Бошкоски се недостапни за судот откако избегаа во Грција.